Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалници, млади и волонтери денеска ја продолжи акцијата за расчистување на Скопје, при што порача дека чист и уреден град може да се создаде само со заеднички труд, одговорност и активно учество на граѓаните, соопштуваат од Град Скопје.
– Илјадници луѓе повторно ја претворија љубовта кон Скопје во дело. Со засукани ракави и со искрена желба да придонесат, покажаа дека чист и уреден град се создава со труд, со одговорност и со заедништво. На секој што се приклучи му благодарам од срце. Денес покажавте колку сме силни кога работиме за иста цел. Посебна благодарност упатувам до советниците од опозицијата кои се придружија на акцијата. Скопје е дом на сите нас, а грижата за него треба да нè обединува. Само заедно, со меѓусебна почит и подготвеност секој да го даде својот придонес, можеме да ги направиме промените што сите ги посакуваме. Зад секое исчистено катче има нешто многу поважно од убавата слика – поздраво место за живеење, побезбеден простор за детска игра и маало во кое е убаво да се расте. Нашите деца заслужуваат зеленило, чисти паркови и уредени населби – изјавил Ѓорѓиевски.
Оттаму дополнуваат дека градоначалникот Ѓорѓиевски им порачал на сите што несовесно фрлаат отпад да го почитуваат трудот на нивните сограѓани.
– Некој денес одвои од своето време, се наведна и го собра она што друг го фрлил. Вложи сила и труд за сите да живееме поубаво. Никој нема право со својата неодговорност да го погазува тој придонес. Ние продолжуваме со истата решителност. Ги повикувам сите сограѓани да почнеме од својот праг, од својата улица, од паркот во кој ги носиме децата. Да го чуваме исчистеното и со сопствениот пример да поттикнеме уште некого да се приклучи. Дополнително, во употреба е пуштена и новата механизација, а низ Скопје веќе се поставуваат и новите 3.300 контејнери. Со ова ги зајакнуваме капацитетите за побрзо и поефикасно собирање и транспортирање на отпадот, за почисти улици и поуредени населби. Обезбедуваме опрема, работиме на терен и создаваме услови за јавна хигиена каква што скопјани заслужуваат. За нашето Скопје. За нашите деца. За град со кој ќе се гордееме – истакнал Ѓорѓиевски.
Нагласил дека овие акции ќе се организираат двапати месечно, со цел заедничкиот труд да прерасне во трајна навика, а грижата за Скопје да стане дел од нашето секојдневие.

