Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакна важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток – соопшти Министерството за европски прашања.
Во своето обраќање министерот Сали нагласил дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество претставуваат заеднички закани за земјите членки на ЕУ и за земјите кандидатки. Според него, демократската отпорност стана суштински дел од европската безбедност.
– Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество придонесувајќи за реформите во темелните области на пристапниот процес – нагласува МЕП.

Министерот истакнал дека Македонија има намера да биде не само корисник туку и активен придонесувач споделувајќи го своето искуство во справувањето со хибридните закани.
Тој информирал дека се почнати внатрешни подготовки за суштинско учество, дека Министерството за правда е определено како координативна институција и дека се назначени контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот.
На крајот, Сали повикал на потесна соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан нагласувајќи дека раното вклучување на земјите кандидатки во европските инструменти го претвора проширувањето во конкретен придонес за безбедноста, демократијата и единството на Европа.

