Образованието е столб на развојот што создава мостови и врски. Претставува инвестиција во заедничка иднина на соработка и разбирање меѓу народите, особено кога говориме за две соседни земји како Грција и Македонија, кои географски и културно се толку блиски, вели Теодорос Папајоану, генералниот директор на „Студирај во Грција“ (Study in Greece), во пресрет на настанот што в петок го организираат во Скопје за презентација на студентски програми за додипломски и постдипломски студии и можностите за студирање во Грција.
„Студирај во Грција“ е национална организација за промоција на грчкото високо образование и информирање и привлекување странски студенти и кај нас доаѓа вторпат, а оваа година, според Папајоану, настанот ќе биде побогат, со учество на повеќе универзитети.
– На настанот во Скопје ќе бидат претставени повеќето меѓународни студиски програми што моментно функционираат во Грција, меѓу кои и меѓународни додипломски програми во областа на правото, бизнис-администрацијата, фармацијата, економијата, вештачката интелигенција, класичните студии, природните науки, инженерството, како и голем број меѓународни постдипломски програми,што ги опфаќаат речиси сите научни области – вели Папајоану.
Генералниот директор на „Студирај во Грција“ во интервјуто за МИА посочува дека „ваквите активности може да ги зајакнат и продлабочат односите меѓу двете земји“.
– Преку образованието можеме да учиме еден од друг, да развиваме односи и партнерства во разни области и да коегзистираме похармонично и продуктивно – истакнува Папајоану.
Настанот Greek Universities Panorama Vol. 2 ќе се одржи на 16 октомври 2026 година, од 12 до 18 часот, во „Европа хаус Скопје“ (Europe House Skopje).

Вторпат „Студирај во Грција“ доаѓа во Скопје. Што може младите да очекуваат од годинешниот настан и какви можности ќе им понуди?
– Како и лани, така и оваа година, „Студирај во Грција“, заедно со водечки грчки универзитети, ќе го посетат Скопје за да ги претстават разновидните можности за студирање во Грција пред јавноста во Северна Македонија. Годинешниот настан ќе биде побогат од минатата година бидејќи ќе учествуваат повеќе универзитети, меѓу кои Универзитетот „Аристотел“ од Солун, Националниот и каподистриски универзитет од Атина, Универзитетот „Македонија“, Универзитетот од Јанина, Универзитетот од Западна Атика и Универзитет за економија во Атина. Ќе претстават широк спектар на студиски програми како на англиски така и на грчки јазик во разни научни области, од природните науки, технологијата и здравствените науки до економијата, бизнис-администрацијата и хуманистичките студии.

Кои се најзначајните можности што грчките универзитети им ги нудат на меѓународните студенти, особено во однос на студиските програми на англиски јазик?
– Грчките универзитети денес се поинтернационализирани од кога било досега. Тоа значи дека нудат меѓународни студиски програми на додипломско и постдипломско ниво на англиски јазик, со цел да привлечат студенти од странство.
На настанот во Скопје ќе бидат претставени повеќето меѓународни студиски програми што моментно функционираат во Грција, меѓу кои и меѓународни додипломски програми во областа на правото, бизнис-администрацијата, фармацијата, економијата, вештачката интелигенција, класичните студии, природните науки, инженерството, како и голем број меѓународни постдипломски програми што ги опфаќаат речиси сите научни области.
Треба да се спомене дека меѓународните студиски програми во Грција нудат особено поволни финансиски услови паралелно нудејќи можности за пракса и професионална реализација во водечки сектори.
Секако, не треба да ги заборавиме стотиците програми на грчки јазик што постојат на грчките универзитети и ги очекуваат студентите од Северна Македонија, кои го познаваат грчкиот јазик. Тоа е нешто што особено ги радува грчките академици.

Дали сметате дека ваквите иницијативи може да ги зајакнат академските односи и соработката меѓу двете земји?
– Само ваквите активности може да ги зајакнат и продлабочат односите меѓу двете земји. Образованието е столб на развојот што создава мостови и врски. Претставува инвестиција во заедничка иднина на соработка и разбирање меѓу народите. Особено кога говориме за две соседни земји како Грција и Северна Македонија, кои географски и културно се толку блиски. Преку образованието можеме да учиме еден од друг, да развиваме односи и партнерства во разни области и да коегзистираме похармонично и продуктивно.

