Европска иднина за Македонија, но во ЕУ да влеземе со исправена глава. Време е за големи амбиции и национални цели. Да изградиме силна и економски стабилна држава. Ова се пораките на премиерот Христијан Мицкоски кои ги упати од говорницата на спомен Костурница во Куманово каде се одржа свечената академија по повод 85 години од денот на народното востание. Во своето обраќање, тој се осврна на економските показатели, посочувајќи дека и во услови на криза, државата бележи позитивни движења. Раст на БДП во вториот квартал на 2026, зголемен извоз, забавен раст на трошоците за живот и на инфлацијата за разлика од земјите во регинот и во ЕУ. Владата, како што рече има за цел просечната плата да се зголеми на 60 илјади денари и секој дом да го почуствува подобриот животен стандард.
„Во вториот квартал од 2026 година остваривме раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти, номинален раст од повеќе од 8%. Државниот завод за статистика излезе со нивелирани резултати за она коешто го постигнавме во 2024 година и во позитивна насока го коригираше растот на БДП од 3% на 3,8%. Тоа е показател за економија која се движи напред, создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард. Две завршени години, 2024 и 2025, а во таа насока продолжуваме и во 2026 година, номиналниот раст е најголем во регионот и е над 8%. Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари“, рече“, премиерот Христијан Мицкоски.
Покрај економијата, премиерот го истакна и ставот за односите со источниот сосед, подвлекувајќи дека евроинтеграциите и соседските односи мора да се темелат врз достоинство и взаемна почит.
„Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство. Бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. И вистинската европска иднина мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава. Не со чувство на пораз. Туку со чувство на припадност. Нашата цел е европска иднина. Но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
На спомен-обележјето цвеќе положија бројни државни делегации, а почит на своите предци им оддадоа и директните потомци на борците кои ја извојуваа слободата во 1944-та година. Централното одбележување на државниот празник оваа година беше во Куманово. Чествувањата започнаа на Спомен-костурницата, каде што бројни државни и општински делегации, претставници на дипломатскиот кор, партии и граѓани положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на загинатите борци од НОБ. Во рамки на одбележувањето, Владата организираше и централна свечена академија под мотото „Идеали што градат иднина“. По повод празникот, во организација на локалните клубови и Општинскиот сојуз на училишен спорт, во Куманово деновиве се одржуваат и бројни спортски и културни манифестации.

