11 Октомври е значаен датум во македонската историја и празник кој го одбележуваме во чест на борбата за слобода и создавањето на темелите на нашата државност, пишува министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ во честитката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
-На овој ден им оддаваме признание на сите борци кои со својата решителност и жртва го запишаа своето место во македонската историја и придонесоа кон создавањето на темелите на нашата државност. Нивната борба и денес нè потсетува дека слободата и мирот не се дадени еднаш засекогаш, туку се вредности што треба постојано да ги чуваме и надградуваме. Одговорноста на секоја генерација е да го зачува она што е создадено со голема жртва и да создава општество во кое почитувањето, еднаквоста, солидарноста и достоинството ќе бидат заеднички темели, наведува Стоилковиќ.
Во честитката тој упати порака 11 Октомври да биде „поттик да продолжиме да градиме држава во која различностите се наша сила, во која има простор за секого и во која заедничките цели и интереси се над сите поделби“.
-Со почит кон минатото и со одговорност кон иднината, да продолжиме заеднички да придонесуваме кон стабилна и просперитетна Македонија. Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!, пишува во честитката на министерот за локална самоуправа.

