Министерот за односи меѓу заедниците на Македонија, Агон Ферати, оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, во МНР во Тирана. Како што соопшти Министерството за односи меѓу заедниците, на средбата се разговараше за унапредување на меѓудржавните односи и подобрување на инфраструктурната поврзаност како фактори за економски развој и зближување на граѓаните.
-Министерот Ферати ги презентираше напорите на Министерството за создавање нова клима меѓу етничките заедници и за борба против стереотипите што негативно влијаат врз нивните меѓусебни односи. Министерот Хоџа изрази подготвеност за продлабочување на односите во сите области и ја истакна потребата од координирање на напорите за Коридорот 8. Се очекува патниот дел од Коридорот 8 во Албанија да биде завршен во 2029 година, додека железничкиот дел треба да биде завршен во 2032 година. Дополнителните олеснувања на граничните премини беа оценети како значајни за зајакнување на поврзаноста и благосостојбата на граѓаните, се наведува во соопштенето.
Двајцата министри ја истакнаа важноста на партнерството во рамките на регионалната соработка и европската интеграција, преку конкретни иницијативи што го олеснуваат движењето и создаваат нови можности за заеднички развој и просперитет.
-Северна Македонија и Албанија се сојузници во евроатлантското семејство и ја делат заедничката цел за полноправно членство во Европската Унија. Се очекува забрзувањето на овој процес да придонесе за економски развој, зајакнување на демократијата и владеењето на правото, како и за подобрување на социјалната благосостојба, информира Министерството.
Посебно внимание на средбата меѓу Ферати и Хоџа беше посветено на социјалната кохезија , при што министерот Ферати ја истакна важноста на проширувањето на соработката преку организациите на граѓанското општество во двете земји, покрај меѓуинституционалната соработка.
-На крајот, двајцата министри ја потврдија својата подготвеност за подигнување на билатералните односи на ново ниво и за претворање на соработката во конкретни резултати во интерес на граѓаните на двете земји, соопшти Министерството за односи меѓу заедниците.

