Во Скопје денеска пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, што претставува најголема набавка на контејнери во историјата на градот, а нивното распоредување почнува веднаш – соопшти градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Чист град значи поздрав живот, поуредни населби и подостоинствено секојдневие за секој човек. Нашите деца заслужуваат да растат покрај чисти улици и паркови, а скопјани заслужуваат град со кој ќе се гордеат. Токму за тоа работиме – посочува Ѓорѓиевски во објавата на социјалните мрежи.

Тој нагласува дека со новата опрема се заменуваат скршените и дотраени контејнери, се зголемува нивниот број и се обезбедуваат повеќе места за правилно одлагање на отпадот.
– Заедно со новите камиони, кои следната недела ќе бидат пуштени во работа, создаваме услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот и почисти населби во цело Скопје – рече Ѓорѓиевски.

Според него, новите контејнери се набавени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки.
– Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена. И тоа во време на глобален раст на цените. Тоа значи да се води сметка за секој денар на граѓаните. Вашите пари се заработени со труд и наша обврска е да ги трошиме чесно, разумно и одговорно – истакна Ѓорѓиевски.
Тој информира дека се обезбедени и 60 контејнери за селекција на стакло.
– Стаклото треба да заврши на рециклирање, а со неговото одделно собирање го намалуваме мешаниот отпад и ја чуваме животната средина – нагласи скопскиот градоначалник.

Ѓорѓиевски упати и апел до граѓаните за одговорно користење на новата опрема.
– На градежниот шут и на кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив. Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција. Ние ја преземаме нашата одговорност. Секој да го даде својот придонес – порача Ѓорѓиевски додавајќи дека Скопје е нашиот дом и дека заедничка цел е градот да биде чист, уреден и повторно горд град.

