Втор ребаланс на буџетот за услогласување на финансиите со влошените услови на глобално ниво. Владата одлучи да ги намали и приходите и расходите за 86,2 милиони евра. Толку отприлика изнесуваат и штетите врз буџетот поради воведените мерки како намалена акциза и ДДВ за справување со нафтениот шок. Планирано е од државната каса да се потрошат 6,83 милијарди евра, а да се соберат 6,08 милијарди евра. Даночните приходи се намалуваат за 1,6%. Министерката за финансии вели дека вториот ребаланс не значи дека има проблем со ликвидноста, туку е навремена реакција за заштита на граѓаните. Ќе се крати од проекти кои се уште не се почнати, како и од ставките стоки, услуги и субвенции.
Најголемо намалување има кај капиталните проекти во Министерството за животна средина, Министерството за финансии, Управата за извршување санкции, Владата, Министерството за енергетика. Повеќе пари, пак, ќе добијат Фондот за здравство и Министерството за социјална политика за социјална помош.
„Ги намалуваме расходите таму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од околу 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти“ – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Буџетскиот дефицит останува на истото ниво од 750 милиони евра или 4,1% од БДП. Димитриеска Кочоска вели дека ќе нема нови непредвидени задолжувања до крајот на годината. На критиките од опозицијата за неодамнешниот заем, вели дека тој не изнесувал 250, туку 150 милиони евра и дека ова задолжување било планирано во првичниот буџет. Задоволна е што имало голем интерес од најголемите светски кредитори, но вели заемот е земен со камата од 5,5%, што сепак е помалку од она што го плаќаат големите економии за своите обврзници. Токму неповолните финансиски услови во моментов на меѓународниот пазар, за кои се очекува да продолжат да се влошуваат биле причина што биле позајмени помалку пари.
Министерството за финансии ја задржа проекцијата за раст на економијата од 3,5%, но ја намали онаа за инфлација од 4,5% на 3,8%. Димитроеска Кочоска вели дека неизвесноста на глобалниот пазар е толку голема што овие бројки можат да претрпат корекции. Исто така, додаде дека токму поради тоа ќе има уште една прераспределба на буџетските пари до крајот на годинава.

