Забраната за нездрава храна и мобилни телефони во училиштето позитивно влијае врз учениците во штипското ООУ „Димитар Влахов“. Практично, ова е и првото училиште во регионот кое воведува ваква практика. Според директорот на училиштето, промените се видливи уште првиот месец, учениците се дружат меѓусебно и почесто се вклучуваат во заеднички активности.
„Добиваме повратни информации и од родителите, и од наставниците, и од самите деца. Подобрена е комуникацијата, не одат повеќе со наведнати глави по ходниците и училишниот двор. Тоа беше договорено во согласност со Советот на родители, преку летниот распуст имавме повеќе состаноци“, изјави директорот на ООУ „Димитар Влахов“, Дејан Здравков.
И истражувањата на УНИЦЕФ, Светска банка и неколку невладини организации покажуваат дека начинот на исхрана на учениците во државата е незадоволителен. Во наредниот период училиштата ќе добијат препораки за поздрав начин на исхрана во училиштата, изјави министерката за образование, Весна Јаневска.
„Јас разбирам дека дечињата повеќе сакаат чипси, смоки, бисквити. Но, им препорачувам одовде на сите присутни една јаболка, круша или банана е поздрава исхрана, но затоа ќе треба да водат сметка и училиштата и општината за да им овозможат такво нешто“, изјави министерката за образование, Весна Јаневска.
Што се однесува до мобилните телефони, Јаневска посочи дека тие се забранети во многу училишта и единствено може да се користат доколку учениците треба да истражуваат. Додава дека училниците низ државата се речиси целосно опремени, па ретки се часовите кога учениците имаат потреба од нив. Министерката Јаневска ги посети двете реконструирани училишни спортски сали во училиштето „Страшо Пинџур“, во Карбинци, и во „Димитар Влахов“, во Штип.
„Во современи и помодерни услови ќе ги мотивираме младите генерации, учениците да спортуваат, рекреираат, да водат еден здрав живот и здрави навики. Инвестирањето во спортот е инвестирање во иднината“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Реконструкцијата на овие две спортски сали е дел од проектот на МОН за реконструкција на 30 и изградба на уште 30 нови спортски сали.

