Уште една потврда за економските политики на Владата и деловната клима во Македонија. Светска Банка ја зголеми проекцијата за економски раст на Македонија од претходните 2,9% на 3,2%. Очекувањата се дека инфраструктурните проекти да го забрзаат развојот на стопанството. Премиерот Мицкоски кој присуствуваше на објавувањето на извештајот, посочи дека Владата се труди токму тоа да го направи. Да го заврши автопатот Кичево – Охрид, интензивно се градат делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојани и Прилеп-Битола, забрзани се активностите на втората делница од пругата кон Бугарија, се гради далноводот кон Албанија, како и гасниот интерконектор кон Грција кој треба да биде готов во првата половина од следната година.
Мицкоски смета дека македонска економија е многу постабилна од било која економија во регионот. Тој е задоволен од растот на извозот од 8,8% и растот на увозот од 8% во првите 8 месеци споредено со истиот период лани. Бројките биле уште подобри ако се земат предвид последните неколку месеци, што упатува, според него, на добрата кондиција на компаниите кои забрзано инвестираат и извезуваат.
„Ако го анализираме третиот квартал од оваа година, вчера Државниот завод за статистика ги објави податоците за увоз-извоз, ние веќе втор месец од третиот квартал, покрај јули и август, имаме 11,5 проценти раст на извозот, 8,5 проценти раст на увозот. Значи, извозот побргу се зголемува отколку увозот, не во номинални средства, бидејќи сме увозно зависна земја. Ова значи дека побрзо расте извозот отколку увозот во услови кога нашите најголеми трговски патнери, ЕУ, имаат одредени предизвици кои мислам дека се историско, барем во последните децении по Втората Светска војна, најголеми. Ценам дека тоа е успех и поллитиката на Владата заедно со оние субвенционирани кредити кои компаниите ги земаа за да инвестираат во понапредно производство, резултираат со зголемена инвестициска активност, но и со зголемен извоз “ – рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Во анализата на Светска банка стои дека со сеопфатен пакет реформи за борба против корупцијата, подобрување на владеењето на правото, градење вештини кај работниците и зголемена конкуренција, економскиот раст би можел да се зголеми на 3,8% до 2050 и да се отворат нови 53 илјади нови работни места за сега невработените, како и да се зголемат платите и условите за 196 илјади вработени луѓе. Без реформи, растот на земјава би можел да забави на 2,4% до 2050 година.
„За земја без излез на море, отворањето на економијата, трговската поврзаност и привлекувањето странски инвестиции се од исклучително значење за да се искористат сите ресурси за раст. За помалку од две децении, земјата достигна ниво на повисок среден доход. Ваквите економии се соочуваат со предизвикот да преминат од статус на понизок доход кон статус на висок доход. Ако ја погледнете економската конвергенција кон ЕУ, ќе видите дека другите земји во регионот, иако некои започнаа од пониско ниво, остварија брз напредок и успеаја да го затворат овој јаз многу побрзо“ – вели Сања Маџаревиќ Шујстер – сениор економист во Светска Банка.
За 2027 и 2028 година, Светска банка прогнозира економски раст на Македонија од по 3 проценти. На ниво на Западен Балкан, прогнозата предвидува раст од 3,1 процент во 2026 година, додека за 2027 и 2028 година се очекува раст од 3,4 проценти.

