Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска остварила средба со координаторката на Обединетите нации, Рита Колумбија, на која е разговарано за можностите за заедничко институционално делување во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која традиционално се одбележува од 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Како што информираат од собраниската прес-служба, соговорничките разговарале за можностите Собранието активно да се вклучи во одбележувањето на „16 дена активизам“, преку организирање јавни настани, тематски дебати, перформанси и други активности со кои ќе се испрати јасна порака за нулта толеранција кон родово базираното насилство.

На средбата било истакнато дека Собранието, како највисок претставнички и законодавен дом, има особено значајна улога во создавањето политики, законска рамка и институционални механизми за превенција и заштита од насилство, но и во поттикнувањето на општествен дијалог и промена на свеста.
Во таа насока, била изразена заедничка подготвеност за зајакнување на соработката меѓу Собранието и Обединетите нации и за заедничко креирање активности во рамките на кампањата, со цел да се придонесе кон поголема видливост на проблемот, мобилизирање на институциите и јавноста и испраќање силна порака дека насилството врз жените и девојчињата не е приватен, туку сериозен општествен и институционален проблем.

