Куповната моќ на пензионерите е значајно зголемена. Минималната пензија од 7.783 денари, за 10 години порасна на 21.151 денар, што е раст од 176%. Поголем исчекор во примањата на највозрасните имаше во последниве две години кога пензионерите добија плус 7.000 денари на своите сметки. На овој начин, минималната пензија драстично се приближи до минималната плата во државата од над 26 илјади денари. За првпат во историјата на македонскиот социјален систем, најниските пензии покриваат дури 80 отсто од минималната работничка плата. Голема разлика има и во просечната пензија која пред 10 години изнесуваше 13.106 денари, а сега таа изнесува 28.891 денар. Намален е и јазот помеѓу минималната и просечната пензија. Владата уверува дека пензискиот систем е стабилен, но исто така не негира дека реформи треба да има. Премиерот во неколку наврати порача дека со меѓународните финансиски институции се прават анализи, но дека нема да се оди во пензија подоцна.
Со свое истражување излезе и Фискалниот совет. Тие препорачуваат постепено зголемување на придонесот за пензиско осигурување до 20%, поголемо учество на жените на пазарот на трудот, намалување на неформалната економија, но и пораст на пензиите исклучиво согласно стапката на инфлација. Ако се воведат, овие реформи би го намалиле дефицитот во фондот од сегашните 5,2% од БДП, на 4,2% во 2030 година.
За директорот на Фондот за пензиско осигурување, прифатлив е предлогот за зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Сепак, алармира дека голем притисок врз финансиите на фондот прават исплатите кон пензионерите со бенефициран стаж, како и кон Фондот за здравствено осигурување за лечење на пензионерите.
Фискалниот Совет смета дека треба да им се дозволи на пензиските друштва што управуваат со парите на вработените, да ги вложуваат во поризични инструменти како акции кога се помлади, а за оние кои се на 10 години до пензија во обврзници и посигурни пласмани. Без реформи во пензискиот систем, Фискалниот Совет пресметал дека дефицитот во првиот пензиски фонд од сегашните 885 милиони, по 10 години ќе се зголеми на 1 милијарда и 300 милиони евра. Студијата покажува дека ако се воведат поединечно мерки, тие не се доволни. Доколку, пак, ситуацијата остане иста, дупката во фондот од 5,2% од БДП, ќе се зголеми на 6,6% за 10 години, по што постепено ќе се намалува на 5,5% во 2050 и 2,7% во 2070-та година.

