Градежните активности на локалниот пат кој води до планинското село Нистрово во општина Маврово и Ростуше се во напредна фаза и наскоро треба да почне асфалтирањето, информира градоначалникот Онер Јакуповски. Станува за пат кој води до населени места во планинскиот регион со должина од 3,5 километри и за прв пат ќе се асфалтира. Вредноста на овој проект е 25,3 милиони денари.
Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, придружуван од пратеникот Мевмед Џафери и Сеад Абази, професор на Градежниот факултет, извршија увид во тековните градежни активности кои се одвиваат на локалниот пат за село Нистрово. Ова, како што рече, е дел од активностите кои се следат со посебно внимание на квалитетот и правилното изведување на градежните работи.
Јакуповски потврди дека во моментов се завршени земјените работи долж целата траса, како подготовка за реконструкција и асфалтирање на коловозот.
– Овој пат е од особено значење за жителите на Нистрово и околните населени места. Нашата заложба е проектот да се реализира квалитетно и во предвидената динамика. Крајната цел е жителите да добијат современа, безбедна и функционална патна инфраструктура, рече Јакуповски.
По увидот на теренот, беше одржана и работна средба со жителите на Нистрово и околните населени места на која се разговарало за проектот и други потребите на населението за подобрувањето на локалната инфраструктура.
Јакупоски информираше дека е при крај е асфалтирањето на патот до селото Рибница со должина од 3,5 километри и вредност од 18,7 милиони денари. Според предвидувањата тоа треба да заврши до крајот на октомври. Со изградбата на овие локални патишта областа Горна Река ќе стане подостапна и директно ќе помогне во развојот на сточарството во регионот. Средствата за двата проекти се обезбедени преку вториот повик од таканаречениот „унгарски кредит“.



