Македонија 21 година чека преговори со ЕУ, а Брисел и натаму не дава зелено светло. Претседателката Гордна Сиљановска Давкова од Европскиот самит во Салцбург порача дека проширувањето е тест за Европа,а не услуга за Балканот. Таа потсети дека Македонија повеќе од две децении е кандидат за членство, има 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите и висока усогласеност со европското законодавство. Но,и покрај реформите, напредокот и отстапките што ги направи земјава, преговорите се уште не се почнати. Според Сиљановска-Давкова ниту една европска држава не понела толку тежок товар како Македонија. Потсетувајќи дека иако го променивме државното знаме и уставното име сепак се уште сме на прагот за влез во европското семејство.
„Сакаме да бидеме таму каде што заслужуваме да бидеме. Зошто? Поради Копенхашките критериуми. Затоа, да одиме кон Копенхаген – директно, а не преку некои од градовите на нашите соседи. Ова го велам затоа што сметам дека, пред сè, треба да бидеме разбрани од нашите соседи“, рече Сиљановска-Давкова.
Според македонската претседателка, ако Европа сака да биде посилна и повлијателна во светот, мора да го забрза проширувањето и да ги почитува земјите што ги исполнуваат условите.
Сиљановска Давкова предупредува дека Европската Унија мора да стави крај на неизвесноста околу проширувањето,затоа што токму нејасната европска перспектива го враќа Балканот назад.А со тоа растат разочарувањата недовербата и билатералните спорови кај земјите кои чекаат преговори. Таа предлага три промени.Прво, заслугите да бидат клучни.Кој ги исполнува условите, да напредува. Второ да нема Европа на „прв“ и „втор“ ред. Сите заштитни механизми да бидат јасни, објективни и временски ограничени.И трето, постепеното приближување кон ЕУ да носи конкретни придобивки за граѓаните, но да не стане замена за полноправното членство.
Ања Лукарова

