Реклама

Училишната кошничка ги дава очекуваните резултати, а поволно влијае и врз инфлацијата

Димитриеска-Кочоска: Трендот на економскиот раст покажува дека сме на вистинскиот пат

Пет активни пожари, најкритично кај Грачани и Никиштани

Управувањето со отпадот, високо на агендата на македонските општини, Прилеп останува лидер во селекцијата –

Милионски криминал во Струмица: Запленети стотици илјади евра во кеш и разоткриена мрежа за перење пари и лихварство

Чисти улици и современ превоз: Скопје чекор по чекор ги надминува долгогодишните комунални проблеми

Нема толеранција за младите деликвенти: Град Скопје и МОН влегуваат во заедничка битка со врсничкото насилство

Мицкоски: Растот на македонскиот БДП во вториот квартал е четири пати повисок од Европскиот

Бесплатните дополнителни можности за инвитро даваат резултати, вкупно 237 барања за четврти, петти и шести обид

Расте ризикот со возраста – лекарите предупредуваат на тешките форми на Западнонилска треска

По повеќе месеци блокада обезбеден фактор 8 за хемофилија

Македонскиот јазик на универзитетските клупи низ светот

Македонија

Тврдината Исар, белегот на градот Штип, по долги години ќе го врати својот сјај

Градот под Исарот конечно ќе ја возобнови тврдината, која е повеќевековен симбол…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градот под Исарот конечно ќе ја возобнови тврдината, која е повеќевековен симбол и по кој сите го препознаваат Штип, економски и образовен центар на источниот регион. Сведокот на низа настани, историски личности, војни, приказни, легенди за 18 месеци треба да се реставрира и конзервира. Пробиен е патот по кој ќе се превезуваат камењата и градежниот материјал, за да се возобнови тврдината, за да биде вечна во наредните години, векови.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека најавениот проект за конзервација и реставрација на тврдината Исар во прва фаза веќе започна со реализација. 

​- Знаете дека тврдината Исар и самиот Исар е симболот на градот. Верувам дека преку овој проект, во координација и комуникација со Народниот музеј, со Заводот за заштита на културното наследство, ќе ја доловиме автентичноста и преку сето она што го предвидува проектот, трите практично видиковци, Акрополот, тврдината која треба да биде целосно осветлена, ќе го презентира минатото на градот, историјата на градот, но во исто време ќе биде еден проект, едно место кое верувам дека ќе биде посетено. Затоа што тоа е историјата на нашиот град, тоа е богатото културно-историско наследство на кое треба да му се даде значење, можност да биде посетено и од тој дел на градот практично да се погледне како се развива и како функционира Штип- вели Јорданов. 

Реклама

Тој додаде дека Општината е посветена на промоција на туристичките точки во Штип, за да се привлечат поголем број посетители. 

​- Една од позначајните туристички локации е секако тврдината Исар, како целина самиот Исар, затоа што има доста преданија, историски факти кои укажуваат на минатото и на историјата која е поврзана со Исарот и Штип. Во разговор со Народниот музеј, со Заводот за заштита на културното наследство, не само овој дел од градот, туку и други локации кои се препознатливи за нашиот град, размислуваме да ги конзервираме, реставрираме, обновиме и да ги доближиме до сите посетители да се запознаат со историското наследство на нашиот град-изјави Јорданов. 

Проектот реставрација и конзервација на тврдината Исар се реализира со средства од Владата, што ги има обезбедено преку заемот од Унгарија, а инвестицијата чини 1,5 милиони евра. 

​Исар ќе се реставрира како што се Самоиловата тврдина во Охрид и Калето во Скопје

Штип по долги години добива голем и капитален проект во областа на културата и развојот на туризмот. Тврдината Исар се наоѓа на карпест рид, на кој што може да се пристигне по асфалтиран пат. Кога ќе се качите и ќе го разгледате просторот останувате без здив, бидејќи пред себе го гледате градот од сите страни, кој е распослан по ридови и течението на двете реки Брегалница и Отиња.

Како ќе изгледа целиот процес на реставрација и конзервација на тврдината за МИА објаснува д-р Митко Штерјов археолог во Музеј на град Штип и Заводот за заштита на споменици, кој е и еден од изготвувачите на проектот.

Тој истакна дека проектот е изработен уште пред неколку години, но Општина Штип и Заводот и Музеј Штип сега обзебедија средства да се реализира овој голем проект. Компанијата „Стентон градба“, која е избрана на тендер за реализација на проектот го има пробиено патот до врвот на ридот и како што вели Штерјов сега се бира соодветен камен, кој ќе се користи при реставрацијата и конзервација. 

 -Тој камен треба да биде соодветен на оној што постои на тврдината Исар. Така што тие го набавуваат, а Завод и музеј Штип дава дозвола, односно надзорот го одобрува каменот. Значи проектот сега е во фаза на прибирање материјал за целосните работи на Исарот-вели Штерјов. 

Во разговорот за МИА, тој појаснува дека концепцијата на тврдина Исар е иста како Самоиловата тврдина во Охрид и тврдината Цареви Кули во Струмица. 

-Тврдината има акропол и амборија, односно уште еден дел, значи на два одбранбени ѕида. Во оваа фаза, овој проект е само за акрополот, којшто ќе се конзервира и реставрира. Тоа е делот каде што е главниот влез во акрополот- Донжонот со останатите три кули, односно двете кули со влезната партија и централната кула која што го одвојува северниот и јужниот дел од тврдината. Така што во оваа фаза ќе се конзервира и реставрира само акрополниот дел од тврдината, додека останатиот дел ќе биде во друга фаза. ​Многу е битно, што првенствено и кога се изработуваше проектот да се обезбедат ѕидните платна, бидејќи тие се во многу лоша состојба. И првичната идеја беше да се конзервираат сите овие бедеми за да не направат штета со понатамошните временски услови-појаснува Штерјов. 

Внатре во акрополот  има две цистерни, една мала еднокорабна црква и неколку пропратни објекти, за кои што Штерјов вели дека се во многу лоша состојба, бидејќи се на карпеста подлога, но многу години успеале да опстанат.

Штерјов додава дека археолозите во континуитет истражуваат на Исарот и тоа во периодите од 2008 до 2011 и од 2013- 2014 година на северниот дел каде што се откри црквата „Свети Власие“ и антички храм од III-II век пред нашата ера.

-Констатиравме дека оваа тврдина има елементи уште од антика, потоа во периодот на Самоил е обновена и во времето кога доаѓаат Османлиите, таа опстојува.  Многу податоци излегоа од тие истражувања, кои покажуваат дека на северната страна каде што е црквата „Свети Власие“ откриен е и антички храм од III-II век пред нашата ера-вели Штерјов.

Тврдината Исар има и тунел кој почнува во клисурата на реката Брегалница и низ него се оди до врвот, за овој тунел пишувал и Евлија Челебија во XVII век.

-Ние со истражувањата успеавме да го откриеме и тунелот, така што тоа е една од посебните карактеристики на Исарот, бидејќи се потврдува и легендата  за постоењето на средновековен тунел кој што од реката Брегалница се искачува до врвот на тврдината.​Се надеваме дека во некоја фаза ќе може и тој дел од тунелот да се долови, да се реставрира дел и да биде во комплексот на туристичка понуда на Исарот, па покрај пешачката патека, покрај скалите кои што ги има, да може и од средновековниот тунел да се излегува до тврдината. Со тоа тврдината да го добие целокупниот сјај, покрај сите други пропратни објекти, осветлување и да биде во функција на туристичка понуда на градот-вели Штерјов. 

Со реставрацијата и конзервацијата на Исарот  за археолозите е значјно  таа да се стабилизира, да се зацврстат ѕидовите, бидејќи може да се направи штета на околните куќи. 

-Со тоа, како прво тврдината ќе биде заштитена, како културно наследство ќе биде претставена на пошироката јавност, ќе претставува еден видиковец од каде што ќе може навистина да се има поглед на целиот град, на целата околина на Штип. Што се однесува до туристичката понуда, со тек на време тука може безброј активности да се вршат, почнувајќи од угостителска дејност до разни манифестации -подвлече Штерјов. 

Нема штипјанец кој не се искачил на тврдината, бидејќи со неа е поврзан и обичајот „Четрсе“, кој штипјани го практикуваат на денот на пролетта и додека се искачуваат на тврдина  по пат поздравуваат најмалку 40 познаници, собираат 40 камчиња, од самата тврдина фрлаат 39 камчиња кон реката Брегалница, додека едно чуваат за под перница за исполнување на желба.

Инаку, обичајот „Четрсе“ е првото македонско нематеријално културно наследство впишано на листата на УНЕСКО. вдј/вг/