Современото семејство има задача да најде баланс меѓу индивидуалноста и заедништвото. Најголемиот ризик во модерното темпо е да ја изгубиме емоционалната поврзаност едни со други — да живееме заедно, но да престанеме вистински да се слушаме, гледаме, чувствуваме, а со тоа и да се почитуваме.
Кога станува збор за принципот „Нежно со себе, чекор по чекор“ при надминување на проблемите, психотерапевтката нагласува дека пораката е дека промената не се случува преку ноќ.
-Не мора веднаш да го решиме целиот живот или целото семејство. Понекогаш е доволен еден мал, но вистински чекор кон подобра комуникација, поголемо разбирање и поблиска поврзаност. Не градиме кровови, градиме здрави темели. Јас верувам дека малите работи, дури понекогаш и само одредена нијанса во одредена акција или глас, како мал чекор, можат да донесат големи промени и да се постигнат реални резултати. Секогаш препорачувам клиентите да почнат со најситниот можен чекор. Токму тој чекор ќе ги стави работите под контрола и ќе го „отвори патот“.

Според неа, многу често во пракса имаме ситуација каде што добри луѓе пружаат несебична љубов и поддршка на сите освен на себе си и во еден момент ќе се најдат прегорени и исцрпени. Концептот „нежно со себе“ не значи да престанеме да бидеме добри со другите, туку да сфатиме дека и нам самите ни е потребно тоа што им го пружаме на останатите. Да не се заборавиме себеси, порачува Хајнал.
Билјана Хајнал, e сертифициран системски семеен и брачен терапевт, која е од Македонија, а веќе подолго време живее и работи во Нови Сад како психотерапевт, фасилитатор и едукатор. Најчесто работи на полето на семејната терапија разрешувајќи проблеми во делот на нарушена комуникација меѓу членовите на семејството, конфликти меѓу партнерите, односот родители–деца, разводи или комплексни трауми.
Во интервјуто за МИА, Хајнал ја затекнавме при нејзината посета на Дојран, за кој вели дека поради неговата едноставност и мирот што го нуди секоја година го користи за одмор во летниот период. Во разговорот со неа, ги споделуваме нејзините стручни ставови за семејството во модерното време.
Колку семејството денес како основна клетка на општеството е во ризик да ја изгуби својата функција односно својата основна дефиниција под налетот на современите предизвици?
-Семејството не е само група луѓе кои живеат под ист покрив. Тоа е емоционален систем во кој членовите се меѓусебно поврзани, влијаат едни на други и создаваат чувство на припадност, сигурност и идентитет. Кога секој член станува преокупиран со сопствениот живот, екрани, работа, кариера, лични потреби и индивидуални цели, може да се случи да живееме заедно под ист кров, но секој во својот свет.
Семејството денес можеби изгледа различно од семејството пред 50 години, но неговите суштински функции остануваат многу важни. Од оваа перспектива, не е проблемот што семејството се менува. Проблем е ако во промената ја изгуби својата релациска функција. Современото семејство има задача да најде баланс меѓу индивидуалноста и заедништвото. Најголемиот ризик во модерното темпо е да ја изгубиме емоционалната поврзаност едни со други — да живееме заедно, но да престанеме вистински да се слушаме, гледаме, чувствуваме, а со тоа и да се почитуваме.

Како се променети улогите на членовите во семејството – таткото, мајката, детето во денешницата, за разлика од порано?
– Денес улогите во семејството се пофлексибилни и помалку строго поделени отколку порано. Таткото и мајката сè повеќе ги споделуваат и грижата за децата и економската одговорност, додека детето има повеќе право на глас и индивидуалност.
Од аспект на семејната психотерапија, најважно е да не се изгубат границите и јасните родителски улоги. Детето треба да биде дете, а родителите да останат родители, додека воспитувањето треба да биде прилагодено на возраста на секое дете. Во овој современ свет родителите имаат многу предизвици, посебно кога станува збор за технологијата и социјалните мрежи и нивното користење од страна на децата, па слободно можам да кажам дека родителството денес е и подвиг.
Работите со семејства од Балканот – дали има разлика во проблемите поради кои ви пристапуваат во зависност од тоа од која земја доаѓаат?
– Да, има разлики, но повеќе во начинот на кој проблемите се изразуваат отколку во нивната суштина. Во различни делови на Балканот влијаат културата, традицијата, економските услови и односот кон семејството и авторитетот. Она што особено се разликува е подготвеноста да се побара психолошка помош — некаде таа сè уште се доживува како слабост или срам, а некаде сè повеќе како знак на зрелост и грижа за себе и семејството.
Но, во суштина, проблемите се тие: нарушена комуникација, конфликти меѓу партнери, односот родители–деца, границите со поширокото семејство, разводи, комплексна траума, но ме радува што сè повеќе луѓе пројавуваат и отворена и свесна потреба за личен раст и развој.

Во вашите кратки пораки и анализи на социјалните мрежи често го користите изразот – “Нежно со себе, чекор по чекор”. На едно место ќе наведете “Благоста кон себе е процес на учење, а не состојба која веднаш мора да е совршена”. Кажете ни повеќе за пристапот кој го користите кога некој ќе побара стручна помош.
– “Чекор по чекор” ја враќа реалната перспектива: промената не се случува преку ноќ. Не мора веднаш да го решиме целиот живот или целото семејство. Понекогаш е доволен еден мал, но вистински чекор кон подобра комуникација, поголемо разбирање и поблиска поврзаност. Не градиме кровови, градиме здрави темели. Јас верувам дека малите работи, дури понекогаш и само одредена нијанса во одредена акција или глас, како мал чекор, можат да донесат големи промени и да се постигнат реални резултати. Секогаш препорачувам клиентите да почнат со најситниот можен чекор. Токму тој чекор ќе ги стави работите под контрола и ќе го „отвори патот“.
Исто така, многу често во пракса имаме ситуација каде што добри луѓе пружаат несебична љубов и поддршка на сите освен на себе и во еден момент ќе се најдат прегорени и исцрпени. Концептот „нежно со себе“ не значи да престанеме да бидеме добри со другите, туку да сфатиме дека и нам самите ни е потребно тоа што им го пружаме на останатите. Да не се заборавиме себеси. Јас секогаш повторувам: За една мајка да биде добра за децата, прво треба да биде добра и за себе. Од аспект на семејната психотерапија, тоа значи и да престанеме да се гледаме само низ грешките, вината и очекувањата и да развиеме повеќе разбирање, трпение и сочувство кон себе, бидејќи промената не започнува со осуда, туку со прифаќање и нежност кон себе. Јас секогаш велам: „Добредојдовте дома, при себе.“
Дали е неопходен личен контакт со оној со кој ќе имате терапија или може да работите и онлајн?
– Да, психолошката и психотерапевтската работа може успешно да се одвива и онлајн, особено кога постои добра терапевтска поврзаност, доверба и приватен простор. Од аспект на семејната психотерапија, онлајн работата може да биде особено корисна затоа што овозможува полесна достапност за целото семејство, дури и кога членовите се на различни локации.

Во својата работа го применувате наративното терапевтско пишување. Што означува тоа?
– Наративното терапевтско пишување е начин преку пишување човек да ја погледне сопствената приказна од поинаква перспектива — да ги препознае своите чувства, болки, сили и избори. Тоа ни помага да се одвоиме од проблемот, да му дадеме значење на искуството и постепено да создадеме нова, похрабра и посочувствителна приказна за себе. Понекогаш, кога ќе ја напишеме приказната, можеме да видиме дека не сме само она што ни се случило и дека таа приказна е само еден мал дел од нас, не и целиот живот.
Активни сте и со свои текстови за граѓанската организација за промоција на семејните вредности, родителските права и правата на децата, “Родителски фронт”. Што ве поттикна да се приклучите на “фронтот”?
– Бидејќи чувствувам потреба да придонесам во едукацијата за заштитата на семејството, родителската улога и вредностите во кои верувам, посебно од аспект на одгледувањето и воспитувањето на децата. Воспитувањето започнува прво со нас самите, а потоа и со децата и таа улога и врска е многу важна алка во процесот на растот и развојот кај децата. Затоа што ако го изгубиме семејството, ќе изгубиме се што вреди во едно здраво општество.

Како православен верник знаете да повлечете линија и меѓу психологијата и православието, па во една прилика ќе кажете: “Духовниот живот може да му даде надеж, смисла и сила на човекот да истрае во психолошкото закрепнување.” Каде е поврзаноста меѓу овие две нешта?
-Психичкото здравје не може целосно да се разбере ако ја занемариме духовната димензија на човекот. Човекот не е само збир од мисли, емоции и однесувања; тој е и суштество кое бара смисла, припадност, надеж и одговор на прашањата за страдањето, простувањето и сопственото постоење. Токму на оваа допирна точка меѓу психолошкото и духовното пишува и рускиот психијатар и психотерапевт Димитриј Авдеев, кој настојува човекот да се согледа како целина – не само низ неговата психолошка состојба, туку и низ неговата духовна димензија. Тој психотерапевтската помош ја гледа како можен „мост“ кон верата, при што јасно ја нагласува важноста на христијанските вредности и духовното раководство.
Психотерапијата не ги заменува молитвата, светите тајни и духовното раководство; но ниту духовниот живот не треба да биде причина човек да се откаже од стручна помош кога таа му е потребна. На крајот, и двете можат да го поддржат човекот на патот кон поголемо самоспознавање, помирување со себе, справување со страдањето, градење здрави односи и, за верникот, подлабок духовен живот.

