Реклама

Останува високата опасност од пожари, тешка битка со пламените јазици на планината Жеден

Балканот влегува во ерата на дата центрите – соседите инвестираат милиони

Забрани или едукација: Како до побезбеден дигитален свет за децата?

Борба против врсничкото насилство – училиштата со нови мерки

Растот на платите мора да биде следен со поголема куповна моќ и посилен приватен сектор

Советникот на Заев, Виктор Петрушевски, вмешан во косовската афера за шпионажа

Демографски аларм: Сè помалку ученици и студенти во Македонија

Со оптимизацијата, во Прилеп нема да биде затворено ниту едно училиште и сите наставници остануваат на работа

Берово преполно за Голема Богородица: Премиерот Мицкоски најави нови законски решенија и државна поддршка за развој на туризмот

Вештачка интелигенција наместо марихуана: Мицкоски порача дека Владата нема да се откаже од изградбата на национален дата-центар

Критикуваат секој ден, а бегаат од избори: СДСМ стравува од соочување со народот

Верниците ширум Македонија го слават големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“

Македонија

Активното стареење можност за социјализација, поголема вклученост во заедницата и развивање таленти и во третото доба

Животот не „престанува“ по пензионирањето, туку само добива нова димензија во која…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Животот не „престанува“ по пензионирањето, туку само добива нова димензија во која човекот може да си ги развие талентите и да открива нови видици. Во Македонија се повеќе се напушта традиционалното гледање на пензионирањето како транзиција во друга животна улога, во која човекот завршува со работата и своето време главно го посветува на семејството. Се прифаќа современиот концепт на активно стареење, каде што пензионирањето се согледува како нова можност за создавање активност, учење, социјализација и општествена вклученост. Да се биде пензионер во Македонија не треба да значи повлекување од животот, туку можност за нов активен животен период, со повеќе време за себе, за семејството и за активности што носат лично задоволство. 

Стареењето не треба да значи повлекување од општествениот живот, туку продолжување на контактите, активностите и релациите што му даваат на човекот чувство на припадност, вредност и смисла.

За тоа што значи да се биде пензионер во Македонија, какви можности имаат да го поминуваат слободното време, како да ја надминат осаменоста и можностите за социјализација, разговаравме со проф. д-р Владимир Илиевски од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје. За тоа, пак, како животот го сфатиле како нова фаза во која може да си ги развијат талентите и активно да стареат, интервјуиравме неколку пензионери од Дневниот престој за стари лица за активно стареење при Црвен крст на Град Скопје.

Реклама

Професорот Илиевски појаснува дека квалитетот на живот во пензионерскиот период и можностите за активно стареење зависат од комбинација на индивидуални, социјални, економски и средински фактори, местото во кое човекот живее, од достапноста на локалните услуги и активности, но и од нивната лична мотивација, интересите, здравствена состојба и воспоставената социјална мрежа. 

Фото: Проф. д-р Владимир Илиевски од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје

Тој вели дека можностите што ги има еден пензионер во Скопје или во поголем град не се секогаш исти со оние што ги има пензионерот во мала општина или во рурална средина. Истакнува дека во одредени рурални средини проблемот со социјалната вклученост на пензионерите е уште поизразен, но се уште е застапена поддршката од семејството, соседството и локалните неформални мрежи кои претставуваат силен извор на нивна поддршка, со што се надминува нивната маргинализација во општеството. 

Илиевски истакнува дека во услови на интензивно демографско стареење на населението во нашата држава и во време кога просечниот животен век постојано се зголемува, се наметнува потребата за поголемо социјално вклучување на пензионерите.  

-Активното стареење не треба да биде привилегија на оние што имаат ресурси, здравје или сопствена иницијатива, туку можност што општеството треба да ја направи достапна за сите стари лица. Тоа го внесува принципот на еднаквост во пристапот до можности за активно стареење, потенцира Илиевски.

Социјализацијата е од особено значење за здраво и достоинствено стареење

Професорот Илиевски вели дека стареењето не треба да значи повлекување од општествениот живот, туку продолжување на контактите, активностите и релациите што му даваат на човекот чувство на припадност, вредност и смисла.

-Социјализацијата има значење не само за социјалната и емоционалната благосостојба, туку и за чувството на сигурност, самодовербата и одржувањето на когнитивната и физичката активност на личноста. Наспроти тоа, осаменоста и социјалната изолација можат да доведат до чувство на непотребност, пасивност и повлекување, посочува Илиевски.

Според него, улогата на семејството е многу важна во  социјализацијата на личноста, при што семејството треба да го поддржува неговото право на сопствен живот, пријателства, активности и учество во различни видови на активности.

-Особено важна улога имаат локалната заедница и институциите. Неопходно е да постојат достапни услуги и програми каде што старите лица можат да се социјализираат. Тоа можат да бидат дневни центри за активно стареење, клубови за стари лица, културни и образовни програми, волонтерски иницијативи, меѓугенерациски програми или различни социјални активности  кои  можат да бидат организирани во локалната заедница, истакнува тој.

Илиевски потсетува дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, преку своите стратешки политики за унапредување на социјалната заштита на старите лица, активно го поддржува развојот на социјалната услуга „дневен престој за стари лица“, преку отворање дневни центри за стари лица за активно стареење во повеќе општини во државата. 

Овие центри, појаснува тој, се развиваат во соработка со општините и даватели на социјални услуги, со цел да се создадат услови за поголема социјализација, активност, учество и поддршка на старите лица во нивната локална заедница.

-Во социјалната заштита, клучна улога имаат Министерството за социјална политика, демографија и млади, центрите за социјална работа, општините и лиценцираните даватели на социјални услуги. Системот предвидува услуги за информирање и упатување, стручна помош и поддршка, советување, услуги во домот, услуги во заедницата и услуги за вонсемејна заштита, вели тој. 

Додава дека јавните и приватните установи за социјална заштита на стари лица обезбедуваат институционална, односно вонсемејна грижа за лицата на кои им е потребна поголема или континуирана поддршка и во зависност од утврдените индивидуални потреби на корисникот, обезбедуваат сместување, 24-часовна помош и поддршка од стручни лица, исхрана и здравствена заштита.

Во здравствениот систем, пак, додава, старите лица ги користат услугите на матичните лекари, здравствените домови, поликлиниките, специјалистичко-консултативните и болничките установи, како и домашното лекување и патронажната дејност. 

-Особено би ја истакнал ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, која е единствена болница за долготраен престој и обезбедува геријатриска и палијативна грижа за старите лица, додава тој.

На прашањето дали професионалното и животно искуство на пензионерите доволно се користи во општеството, вели дека пензионирањето треба да се гледа како нова животна фаза во која човекот, доколку сака и има можност, треба да продолжи да биде активен и корисен за заедницата и тоа може да биде преку форми на активно учество.

Може ли осаменоста кај старите лица да стане еден од најголемите социјални проблеми во Македонија во следните години?

Илиевски истакнува дека осаменоста кај старите лица не претставува само личен и семеен проблем, туку социјален проблем. Затоа, според него, осаменоста треба да се препознава како ризик навреме, пред да премине во долготрајна социјална изолација и зависност.

-Тука превенцијата е особено важна. Наместо да чекаме старото лице веќе да биде целосно изолирано, потребно е да се развиваат локални мрежи на поддршка – дневни центри за активно стареење, клубови за стари лица, волонтерски програми, меѓугенерациски активности, домашни посети, психосоцијална поддршка, како и различни активности во самата заедница, вели тој.

Но, посочува, лицето може да биде само, а да не се чуствува осамено, може да има социјални контакти, а сепак да доживува осаменост за што е потребна индивидуална проценка на потребите и можност на секое старо лице.

-Предизвикот е системот да не чека зависноста да стане реалност, туку навреме да препознае дека едно старо лице е во ризик од осаменост, социјална изолација, губење на функционалноста или намалување на способноста за самостоен живот. Системот треба да се темели на рано препознавање на ризиците и превентивно делување, со цел навреме да се спречи губењето на самостојноста и социјалната исклученост преку спроведување на различни превентивни мерки и активности, појаснува тој.

Треба да престанеме да зборуваме за „старите лица“ како категорија на која треба да ѝ се помага и повеќе да зборуваме за „активното трето доба“

Границите на староста не се исти насекаде во светот, посочува тој. Тие зависат од демографските карактеристики на населението, очекуваното траење и квалитетот на животот, здравствената и функционалната состојба на населението, економските, социјалните услови и законската регулатива во конкретната земја. Државите сè повеќе го прилагодуваат системот на социјална и здравствена заштита на новата демографска реалност и  индивидуалните потребите на оваа  целна група. 

-Наместо стареењето да се третира само како зголемена потреба од грижа, треба да се преземаат мерки од страна на државата за поголема поддршка на активното и здраво стареење, продолжување на независното живеење, развој на услуги во заедницата и спречување на социјалната изолација. Во желбата да го промовираме активното стареење, не треба да ги занемариме оние кои се немоќни, зависни стари лица  кои  имаат потреба од интензивна здравствена поддршка, на кои им се потребни  специјализирани здравствени установи за геријатриска и палијативна грижа, вели Илиевски.

Нагласува дека стареењето не треба да го гледаме стереотипно, да го поврзуваме со одредени негативни карактеристики како што немоќ, болест, зависност и потреба од помош.

-Во тој контекст, „активното трето доба“ треба да стане дел од начинот на кој го гледаме стареењето, но не и замена за потребата од системска грижа и заштита. Потребен ни е пристап во кој човекот и неговите индивидуални потреби се во центарот, а поддршката се определува според неговата функционалност, здравствената и социјалната состојба, степенот на независност и личните желби и можности, посочува тој.

Пензионери го разбиваат митот дека животот „завршува“ по пензионирањето, во третото доба развиваат таленти, вежбаат, патуваат…

Разговаравме со неколку пензионери од Дневниот престој за стари лица за активно стареење при Црвен крст на Град Скопје, кои велат дека дружбата, контактите и споделувањето искуства ги прават активни и мотивирани да го посетуваат овој центар. Тие тука вежбаат чигонг, цртаат, плетат, откриваат таленти кои не биле во можност доволно да ги изразат додека биле работно активни.

Војислав Ивановски пензионер од Скопје (72) вели дека во центарот редовно доаѓа две-три години, задоволен е од активностите, редовно вежба чигонг и оди на Водно. Тој вели дека шест месеци пред да замине во пензија му било тешко кога се соочил со тоа „што понатаму“? -Малку ми беше тешко на почетокот, што, како ќе правам, бев во криза. Но го исполнив времето со работа низ куќата. Потоа се вклучив во овој центар и до ден денес убаво се чувствувам, вели Ивановски. 

Ружа Спировска (74) вели дека 11 години е корисник на Дневниот центар и редовно вежба чигонг. 

– Меѓу првите корисници сум на дневнот центар, и веќе 11 години сум активна. Чигонг вежбите ми даваат психофизичко подобрување на здравјето. Тоа се кинески вежби што се прилагодени за нашата возраст. Два до три пати неделно имаме такви вежби. Во поглед на дневниот центар овде доаѓаме и наоѓаме нови друштва, запознавања, патуваме. Имаме едукативни предавања од областа на правото, економијата и многу други. Се дружиме, доаѓаме да испиеме едно кафе, да размениме мислења каде ќе патуваме. Се додека не држи здравјето. Треба да има повеќе вакви центри. Овде не се плаќа партиципација, само треба да се има волја човек да излезе од дома и да се вклучи, да го развива она што му е дадено од Бога, дали да вежба, да плете,  да слика, да пишува поезија, така што ќе се пронајде во тие активности. Тука исто така се консултираме за нашето здравје, за лекарствата и за многу други нешта. Разменуваме искуства и ова е големо богатство што се среќаваме тука, вели Спировска.

Таа е многу задоволна од чигонг вежбите. -Кога вежбаме чигонг тие два часа ние сме сконцентрирани на вежбите и се релаксираме. Не ни треба ни дијазепам, ни лексилиум, ни ништо. Фактички, наместо да идеме ние по физикални терапии во болниците, ние овде тие работи ги правиме, ама ги правиме од срце тие вежби, посочува таа.

Марина Нишлиска (76), појаснува дека петта година членува во Центарот. – Тука сум веќе петта година. Сестра ми ме вклучи откако сум во пензија, значи навистина многу, многу ни го исполнува времето. Дружбата исто така е многу битна. Инаку може да се осамиме. Доаѓам во креативната работилница, имаме во понеделник и во среда. Плетење, шиење, што било со што сакаме се занимаваме, кој за што има интерес и дарба. Едноставно времето ни е исполнето, вели таа.

Наташа Пеливанова (74) е аптекарка во пензија. Вели дека кога почнала да доаѓа во центарот почнала да учи англиски јазик. -Имавме часови по англиски и одев почетни часови, па потоа продолжив во приватна школа. Овој центар е нешто посебно и не е како другите. Овде и кафенце можеш да си свариш кога сакаш, можеш и да дадеш идеја да ти ја прифатат ако ти е добра, вели таа. 

Тие велат дека висината на пензијата не е пресудна за тие да се дружат и социјализираат, да си разменуваат искуства што ги стекнувале во работниот век. 

Центарот, велат, им овозможува да бидат активни во секоја смисла во третата доба. -Чекаме да дојде понеделник, среда да се видиме, се договараме што ќе работиме… Се склопуваат пријателства, дури и се договараме да одиме на годишни одмори. Не очајуваме дека сме пензионери и не сакаме да бидеме депресивни. Сакаме да бидеме позитивни и и понатаму активни. Активноста е многу битна, нагласуваат тие.

Кога ги прашавме за тоа кои услуги и институции се повеќе потребни да ги има во земјава за пензионерите, велат дека најпотребна им е дружбата и активностите. 

-Ние дома сме претежно или сами или со партнер. Меѓутоа овде кога ќе дојдеш некако се чувствуваш како во школски денови да можеш се да си кажеш. Се оставаме на страна кога ќе излеземе и кога ќе влеземе се е тоа наше. Многу убаво се дружиме, велат тиe.

Посочуваат дека пензионерите во Македонија не се невидлив дел во општеството, но оти треба повеќе да бидат вклучени за да можат да ја споделуваат својата експрертиза што ја стекнале во работниот век.

Во однос на тоа како им помагаат на други пензионери познаници, соседи, пријатели коишто се позатворени и се чувствуваат осамено, велат дека иницираат заеднички активности „за да ги извадат“ од дома. 

Социјалниот работник Елеонора Андонова, координатор на социјална услуга во Дневниот престој за стари лица за активно стареење при Црвен крст на Град Скопје, вели дека има навистина што да се научи од овие лица. 

-Јас сум социјален работник, си ја сакам професијата многу, но лицата во трето доба значи стварно се посебна целна група за мене. Сметам дека треба повеќе да се отвораат вакви дневни престои. Во рамките на Црвен крст на Град Скопје веќе 15 години активно се имплементира оваа програма Дневен престој за стари лица за активно стареење. Имаме месечна програма на активности што излегува секој први во месецот. Тоа се активности за здраво и активно стареење, како што се Чигонг вежби. Тоа се вежби за релаксација на телото и подобрување на енергијата на лицата во трета доба. Исто така, креативни работилници, шивачки работилници, многу едукативни предавања, сликарски работилници, многу прошетки исто така организираме, посета на музеи, театар, кино и слично, изјави Андонова.

Андонова додава дека имаат и здравствено-превентивни активности, односно на почетокот на месецот медицински тим мери притисок, шеќер и даваат здравствени совети за лицата во трета доба, односно за нивните корисници. 

-При Црвен крст на Град Скопје имаме три дневни престои за стари лица. Во Домот за хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, во Општинска организација Црвен крст Чаир и во Општина Сарај. Сите три дневни престои работат на ист принцип како и овој каде што се наоѓаме во моментот, рече таа.

Истакна дека не се ограничени во бројката на заинтересирани лица што сакаат да бидат корисници, и се отворени за сите лица во трето доба после пензионирањето што сакаат да го поминат корисно и продуктивно нивното време.

-Од 2019 година како прв лиценциран Дневен престој за стари лица под тогашното Министерство за труд и социјална политика, беше лиценциран Дневниот центар во Чаир, каде што добивме лиценца за користење на простор за дневен престој и врз основа на таа лиценца имаме 30 корисници со решение. Минатата година исто така овој дневен центар во Домот за хуманитарни организации доби лиценца од Министерство за социјална политика, демографија и млади и каде што 30 корисници имаат исто така решение во овој дневен центар. Но, ние не можеме да ги вратиме останатите. Нашата база на податоци на корисници брои повеќе од 2.000 корисници, вели таа.

Работат секој работен ден од 9 до 15 часот. Активностите се претежно наутро од 9 до кај 13 часот, но можат да се поместат во зависност од летните и зимските температури.

​Вакви центри има и во Прилеп, Битола, Крива Паланка, во Струмица и во Охрид.