Гледам дека последниве неколку дена целото раководство на ДУИ интензивно се занимава со мене и со Општина Бутел.
Од пратеници и поранешни функционери, до партиски структури и нивни поддржувачи, очигледно Бутел повторно им стана главна политичка тема.
Затоа, ред е еднаш јасно и директно да им одговорам.

Суштината е едноставна: согласно Законот за основното образование и утврдената реонизација, запишувањето на учениците се врши според реонот на основното училиште. Во конкретниот случај од Општина Бутел се бара да постапи спротивно на тие правила. Поточно нашите основни училишта да примат деца од други општини.
БУТЕЛ НЕ Е И НЕМА ДА БИДЕ ПОЛИГОН ЗА ЕТНИЧКИ ПОЛИТИКИ!
Кога законот не им одговара, ДУИ се обидува едно административно и законско прашање насила да го претвори во етничко.
А срамот е уште поголем кога за политички цели се манипулира токму со децата. Да ги користиш децата за создавање етнички тензии и собирање политички поени е најдолното нешто што може да се направи во политиката. Децата треба да ги обединуваме, а не да ги делиме!
Ги разбирам и родителите, кои за жал се изманипулирани и вовлечени во една непотребна политичка приказна. Секој родител сака неговото дете да учи во добро и квалитетно училиште и тоа е сосема природно и оправдано. Но, во конкретниот случај постојат законски правила кои мора да ги почитуваме. Законот мора да важи еднакво за сите, без разлика на етничката припадност и без разлика на политичкиот притисок.
Во Бутел нема „наши“ и „ваши“ деца. Има деца кои заслужуваат еднаков третман, квалитетно образование и институции што работат според закон и исти правила за сите.
И да бидам целосно јасен: ниту притисок, ниту закани, ниту етничка мобилизација ќе ме натераат да постапувам спротивно на закон.
Но, ова не е само ДУИ. Околу истите интереси гледам и други сили кои засега се кријат, а тука се и интересите на урбаната мафија, која секој слободен квадратен метар во Бутел го гледа како место за нова зграда.
Нивниот концепт е поделби без крај и урбанистичко дивеење без план.
Мојот концепт е спротивен: развој со план, зеленило, училишта, градинки, спортски терени и населби во кои достоинствено ќе живеат сите граѓани.
Бутел е мултиетничка општина и токму затоа мора да важи едно правило: ист закон, исти права и исти обврски за секого.
Тоа не е политика против Албанците, Македонците или кој било друг. Тоа е политика за нормална и правна држава.
Бутел нема да го делиме по етнички линии.
Бутел нема да го бетонираме по нечии бизнис-интереси.
Бутел ќе го развиваме по закон и во интерес на сите негови граѓани!
Објавата може да ја погледнете на следниот линк:

