Поранешен советник на Заев, соработувал со српски тајни служби и разменувал информации со агенти за наводен план за ширење на исламски радикализам во Косово. Виктор Петрушевски е името кое се најде во материјалите на јавното обвинителство во Приштина, а кое се поврзува со политичкиот аналитичар Фатмир Шехоли. Во случајот кој деновиве ја разбранува јавноста во Косово и двајцата се споменуваат како соработници на српската разузнавачка служба БИА.
Специјалното обвинителство на Косово на 25 август поднесе обвинение против Шехоли, тврдејќи дека бил регрутиран од српската Безбедносно-информативна агенција – БИА и дека собирал и пренесувал информации за политичките активности, безбедносната состојба и функционирањето на институциите во Косово.
Според делови од обвинението што ги објавија косовските медиуми, на 20 и 21 декември 2024 година Шехоли комуницирал преку WhatsApp со Петрушевски, при што се разговарало за организирање средба со Бојан Димиќ, кого косовските истражители го идентификуваат како службеник на БИА.

Обвинителството наведува дека средбата била реализирана на 25 декември. Според објавените комуникации, Шехоли му испратил на Петрушевски телефонски број за кој истражителите утврдиле дека го користел Димиќ. Во предметот се споменува и контакт зачуван како „Виктор Македонија“.
На овој број, на 5 август 2025 година, Шехоли наводно испратил документ со ознака „Top Secret 2“.
Косовските медиуми пишуваат дека документот содржел наводен политички и стратешки план поврзан со ширење на исламскиот радикализам во Косово и во регионот. Во него се зборува за изградба и проширување на верски објекти и за создавање мрежи со влијание во спортот, медиумите, музиката и во политиката.
Петрушевски во изјава за медиуми ја отфрли поврзаноста со српските безбедносни структури и вели дека немал сознанија за активностите за кои сега е обвинет Шехоли.
„Со Фатмир се запознав пред 2-3 години на една средба каде што беше и тој. Ми се претстави тогаш како директор на еден институт. По извесен период почнавме да комуницираме за политичките и економските случувања во регионот“, изјавил Петрушевски.
Петрушевски додава дека имал и кратки средби со лица со кои го поврзал Шехоли, но оти тие контакти не продолжиле. Тој тврди дека комуникацијата со косовскиот аналитичар била поврзана со регионални политички и економски теми, како и со можност за деловна соработка.
„Ми испрати контакт-број од лице од Србија. Кога дознав за кого станува збор и дека истиот нема врска со овој бизнис, решив никогаш да не контактирам“, тврди Петрушевски.
Покрај за шпионажа, Шехоли е обвинет и за уцена на лице од Косово, од кое барал повеќе од 13.000 евра. Случајот сега е во рацете на Основниот суд во Приштина, каде што првото рочиште е закажано за 7 септември. Инаку Виктор Петрушевски во јануари 2021 година беше поставен за советник на тогашниот премиер Заев задолжен за локална самоуправа.

