Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, денес, присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот на автопатот Скопје – Блаце, еден од најзначајните инфраструктурни проекти, кој ќе овозможи побрзо и поефикасно поврзување меѓу Скопје и Приштина олеснувајќи ги и движењето на граѓаните и развојот на економската соработка меѓу Македонија и Косово – се наведува во соопштението од Општина Чаир.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, премиерот на Косово, Аљбин Курти, првиот вицепремиер Беким Сали, копретседателот на „Вреди“, Биљал Касами, заменик-министерката Калтрина Зеколи, како и други институционални претставници.
„Денес не зборуваме за она што допрва треба да се направи. Денес почнавме! Автопатот Скопје – Блаце е еден од резултатите што покажуваат дека големите проекти може да станат реалност. Овој пат ги поврзува Скопје и Приштина, два главни града, две економии, илјадници семејства, бизниси и луѓе. Денес го поставивме камен-темелникот, а утре по овој пат ќе патуваат цели генерации“, изјави Меџити.

Автопатот Скопје – Блаце се очекува да има особено значење за инфраструктурното и за економското поврзување меѓу двете земји скратувајќи го времето на патување и создавајќи подобри услови за движење на луѓето и стоките меѓу Скопје и Приштина.

