Овчи и козји сипаници се шират на територијата на Општина Делчево, а локалните институции бараат побрзо постапување и подобра координација со Агенцијата за храна и ветеринарство. Состојбата беше тема на состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој беше разгледан и проблемот со обезбедувањето услови за отстранување и закопување на животните од заразените одгледувалишта.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, посочи дека Општината веќе има преземено активности, но дека за понатамошно постапување е потребна јасна документација и насоки од надлежните институции.
– Имаме појава на болеста на повеќе локации. Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство веќе имаме барања до Општина Делчево за помош во решавањето на проблемот. Ние како локална самоуправа поднесовме барање до Јавното комунално претпријатие, но од таму бараат конкретен правен основ, точна локација, обем и вид на земјиштето и утврден начин на извршување, истакна Гоцевски.

Тој нагласи дека Општина Делчево нема надлежност да формира посебна депонија за угинати животни, туку дека постапката мора да се спроведува согласно законските процедури и во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство.
Една од можностите е закопување на животните на приватно земјиште, со согласност од сопственикот, а во целиот процес, според Гоцевски, мора да се обезбедат и соодветни услови за транспорт, изолација на стадата, дезинфекција и заштита на лицата кои работат на терен.
– Мора да се внимава во транспортот на добитокот, да нема мешање на стадата, а ветеринарните доктори и лицата кои работат со животните да бидат соодветно дезинфицирани и опремени, бидејќи и човекот може да биде фактор за пренесување на самата болест, посочи Гоцевски.
Тој предупреди дека доколку не се преземат соодветни мерки, може да дојде до сериозни последици за сточарството во Делчево, поради можноста болеста да зафати поголем број стада.
На состанокот се вклучи и ветеринарниот доктор и претседател на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски, кој посочи дека овчите и козјите сипаници се актуелен проблем кој во моментов зафаќа повеќе општини.
– Станува збор за актуелна болест која ги тангира повеќе општини и, за жал, болеста прави економски загуби. Целта е истата да биде ставена под контрола и да не се шири, рече Стојменовски.
Според него, иако смртноста не е најголемиот проблем, економските последици за сточарите се сериозни поради намалената продуктивност и ограничувањата поврзани со прометот и производите од животинско потекло.

На територијата на Делчево, како што беше посочено на состанокот, веќе има потврдени жаришта, како и сомнителни случаи кои се следат.
Посебно предупредување Стојменовски упати за почитувањето на биосигурносните мерки.
– Непочитувањето на мерките само ја шири и ја комплицира болеста. Не смееме да одиме со иста опрема, со исти чизми и со иста облека од едно во друго стадо, бидејќи така можеме да направиме поголема штета отколку корист, нагласи Стојменовски.
Тој посочи дека особено е важно лицата кои учествуваат во евтаназијата и отстранувањето на животните да бидат соодветно заштитени, а механизацијата и опремата по секоја интервенција да бидат дезинфицирани.
Како пример за ризикот од непочитување на мерките беше посочен случај кога животни биле пренесени од едно подрачје во друго, со што болеста дополнително се проширила.
– Имаме класичен пример кога болеста е пренесена токму поради непочитување на мерките. Животните биле пренесени од едно место во друго и со тоа наместо да се спречи, болеста дополнително се проширила, рече Стојменовски.
На состанокот беше разгледан и одговорот на Јавното комунално претпријатие, кое изразува подготвеност за техничка и логистичка поддршка, но бара претходно да бидат утврдени сите услови за безбедно извршување на работата.
Од ЈКП бараат да биде прецизирано кој ќе ги покрива трошоците за ангажираната механизација, работниците, горивото, работните часови и средствата за дезинфекција. Дополнително, се бараат јасни протоколи за заштита на вработените од потенцијален биолошки ризик.
На состанокот беше посочено дека Агенцијата за храна и ветеринарство е директно надлежна за спроведување на ветеринарно-санитарните мерки, додека локалната самоуправа треба да обезбеди помош во рамките на своите законски можности.
Заклучокот е надлежните институции да ја продолжат комуникацијата и АХВ да се произнесе по барањето на Јавното комунално претпријатие, со што би се отстраниле административните пречки и би се овозможило побрзо започнување на активностите на терен.
Од Штабот апелираат на доследно почитување на мерките за биосигурност, особено при движењето меѓу различни стада, транспортот на животните и ангажирањето лица и механизација во заразените одгледувалишта.
Агенцијата за храна и ветеринарство во своите претходни известувања потврди дека сипаниците кај овци и кози не претставуваат опасност за луѓето, но поради последиците врз сточарството се спроведуваат мерки за контрола и спречување на понатамошното ширење.

