Културниот едукативен центар Лабораториум, во склоп на летната иницијатива „Скопје вибрира“, организира сликарска сесија со македонскиот сликар и графичар Роберт Дандаров, замислена како неформална средба за создавање, разговор и размена помеѓу креативци, а домаќин на вечерта ќе биде младата уметница Ивана Павловска.
Како што соопшти организаторот, за разлика од класичниот формат на ликовна работилница, настанот нема да се фокусира на формално предавање или еднонасочно пренесување на знаење. Учесниците ќе работат заедно во неформална атмосфера, каде ќе можат директно да разговараат, да поставуваат прашања и да разменуваат искуства со Дандаров како ментор и соговорник.

– Целта е да се создаде простор во кој сликарството станува повод за разговор и вмрежување, место каде што учењето се случува низ заедничката работа, набљудување и размената помеѓу луѓе со различни искуства и перспективи – посочуваат од Лабораториум.

Роберт Дандаров е роден во Струмица, Македонија. Стекнал формално образование за применета уметност во Скопје, а се усовршил во Американската академија за уметност во Чикаго и Националната академија за дизајн во Њујорк, специјализирал и фреско-сликарство во работилницата на Антонио Романо во Њујорк. Од својата прва самостојна изложба во 1976 година, реализирал повеќе од 30 самостојни изложби во САД, Европа и пошироко, меѓу кои во Chelsea Art Museum во Њујорк, Националната галерија и Музејот на современа уметност во Скопје, како и во Белгија, Германија, Полска и Доминиканската Република. Неговите дела биле претставени и на групни изложби во градови како Токио, Мајами, Келн и Мастрихт.

Во своето творештво Дандаров ги истражува митологијата, духовноста и човечката состојба, градејќи визионерски светови во кои се преплетуваат историски и митолошки референци, симболика и лична меморија.

Работилницата е со почеток во 20ч, а сесијата е ограничена на 25 учесници.

