Во насока на унапредување на сообраќајната култура и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Општина Кочани и ОВР Кочани денеска реализираа превентивна акција под мотото „Со тротинет и велосипед секогаш вози безбедно и според правилата“.
Во рамките на акцијата, екипи на терен им поделија едукативни летоци на возачите на лесни електрични возила и на велосипедистите. Летоците, подготвени од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, содржат практични совети и препораки за безбедно и одговорно учество во сообраќајот.

Сообраќајните служби во текот на акцијата потсетуваа дека Градскиот парк во Кочани е пешачка зона, па лесните електрични возила и велосипедите треба да се туркаат, а не да се управуваат.

Целта на ваквите превентивни активности, според Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, е да се подигне свеста кај граѓаните за почитување на сообраќајните правила, правилно користење на велосипедите и електричните тротинети, како и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди.

Со едукација и навремено информирање, сметаат организаторите на денешната превентивна активност, се придонесува кон создавање побезбедна сообраќајна средина, развивање одговорни навики кај учесниците во сообраќајот и заштита на животот и здравјето на граѓаните.

