Во летниот период бројот на пациенти на детското одделение при Општата болница во Куманово е намален и дневно се движи до околу 50 прегледи, информираше денеска началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска. Таа посочува дека во овој период најчесто се лекуваат деца со стомачни вируси, но и со покачена телесна температура, воспалено грло, осипи и алергиски реакции по убоди од инсекти.

-Најзастапени се стомачните вируси. Децата најчесто имаат повраќање, течни столици, покачена температура и стомачни болки. Имавме и случаи на дехидратација, поради што беше потребна инфузиона терапија, а дел од децата беа и хоспитализирани- изјави Арсовска.

Меѓу заболените дечиња има и деца кои се вратиле од летување, но поголемиот дел не патувале надвор, како и деца од семејства кои живеат во странство, а престојуваат во Македонија за време на летните одмори. Лекарите апелираат родителите да посветат особено внимание на хигиената и превенцијата.


-Најважно е децата редовно да ги мијат рацете, особено пред јадење и по играње. Треба да внесуваат доволно течности, да се хранат умерено и избалансирано, со повеќе овошје, зеленчук и здрави протеини. Престојот на отворено треба да се избегнува во најтоплиот дел од денот, а просториите да бидат умерено климатизирани, без големи температурни разлики- советува д-р Аровска.

Таа препорачува и превентивна употреба на пробиотици, со цел одржување на цревната флора и полесно справување со летните стомачни инфекции. Во пресрет на летните патувања, Аровска советува родителите да патуваат во периоди кога температурите се пониски, децата да бидат заштитени со лесна облека и капа, а за време на подолгите чекања на граничните премини редовно да им се нуди вода и други течности за да се спречи дехидратација.

