Реклама

Кризна состојба поради зголемена опасност од пожари

Мицкоски: Растот на индустријата и намалениот јавен долг се добри вести за граѓаните и успеси за државата

Мицкоски: Новите 47 социјални станови во Дебар се нов почеток за многу семејства

Мицкоски: Наскоро бактериолошки исправна вода за пиење во Гостивар

Скопје урива рекорди, но Охрид сепак останува како главна дестинација за странските туристи

Над една милијарда евра за здравството – реновирање на болници, нова опрема и повеќе медицински кадар

„Ова нема да заврши така, ќе има истрага за овој процес“: Премиерот тврди- има груба манипулација од локален јавен обвинител во случајот Марковски

Охрид го живее шпицот на туристичката сезона за Илинден, градот преполн со тинејџери спремни за најавените концерти

Жално македонско судство: Два паралелни правосудни системи, еден за политички и богати моќници, друг за обичните луѓе

13 заразени со западно-нилска треска,тројца пациенти се во критична состојба

Аларм: Силниот топлотен бран носи опасност од пожари на отворено

Дијарејата помина, но опасноста не завршува: По хидричната епидемија можна е појава на жолтица

Македонија

Музејот на Илинденското востание во Крушево блеснува: Ракија и кафе за Турците, болната нога на Питу, последниот состанок пред избувнување на востанието

„Во оваа куќа на 2 август 1903 е прогласена Крушевската Република“. Така…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Во оваа куќа на 2 август 1903 е прогласена Крушевската Република“. Така пишува на влезот на најзначајната куќа во Крушево. На Музејот на Илинденското востание.

Сместен е речиси во центарот на градот. Тоа е куќата на познатото семејство Томалевски. Нуди многу илинденски тајни и приказни. Нуди историја.

Со години се реновираше, но блеснува во нов сјај, со многу ексклузивни артефакти за најзначајното за македонската историја – Илинденското востание.

Реклама

Историчарот Зоран Богески, автор на поставката, раскажува ексклузивни историски моменти од таа револуционерна 1903-та година. Па и за престојот на Питу Гули со војводите во неа, само еден месец пред востанието. И како домаќинката го спасила од Турците. Но, и за состанокот непосредно пред Илинденското востание.

-Куќата, сега Музеј на Илинденското востание, е значајна по многу моменти. Тука е одржан последниот состанок, вечерта пред Востанието, на една од клучните чети која се упатува на Којов Трн. Непосредно, месец дена пред востанието, во куќата престојуваат осумте војводи кои ги раководат востаничките чети, вклучително и Питу Гули кој имал здравствен проблем со ногата.Престојувал на лекување бидејќи лесно можел да се извлече. Има и забележан настан кога доаѓа османлиска администрација – данокчии. Питу ги видел преку прозорецот во дворот на куќата. Сакал да избувне и да ги ликвидира. Но, бабата од куќата, мајката на Коца, го успокоила. На вешт начин, со ракија и кафе успеала да ги опие Турците за да не дојде до таков инцидент – раскажува историчарот Богески.

Музејот има историја на три поставки. Всушност, со него во Крушево започнува и официјалната музејска дејност. Започнал да работи точно на 50-годишнината од Илинденското востание (1953 година) Тогаш бил сместен во центарот на градот, во познатиот и култен објект „Малага“, кој денес не постои, но во османлискиот период бил фасцинантна зграда која имала училиште. Во почетокот имал две одделенија: Одделение за Илинденскиот период и Одделение за НОБ.

Потоа, за Музејот е избрана руинираната куќа на фамилијата Томалевски, објект кој бил бомбардиран во време на востанието. Поточно, од дедото по мајка на Наум Томалески, Макревски, кој бил клучен лик во востанието. Тука е преместена трајната музејска поставка која функционирала до 1978 година. Во тој период е заменета со нова трајна поставка, по повод годишнината на Музејот. Колку артефакти се изложени во првата трајна музејска поставка нема податоци. Но, во втората имало околу 2000 артефакти – музејски материјали, оригинали или како копии во форма на каширани материјали. Во 2015 година завршија постапките за прибирање материјали за нејзино реконципирање. Денес, според Богески, Музејот е во добра физичка состојба, но и збогатен со исклучително значајни нови материјали.

-Поставката во овој момент, третата чиј автор сум јас, е исклучително уточнета. Најдени се материјали кои ја документирааат Крушевската Република. Буквално се користи формулацијата Крушевска Република уште на 8 август 1903 година во неколку странски извори. Веќе имаме утврдено кои се и пратениците во тогашниот совет, односно, парламент во Крушевската Република, па така, од 60, се документирани 14 за кои, во најдобар дел, имаме фотографии. Веќе е утврдено и кој е претседател на собранието. Така што, сите материјали кои ги добивме, ќе бидат изложени тука. Ќе го опфатат најстариот период кога се споменува Крушево – од 1467- 68 година па се до 1913 година. Ќе бидат изложени и презентирани сите настани и процеси кои се случувале во Крушево, во регионот и во Македонија со нови материјали кои успеваат да ја доловат автентичноста – вели Богески.

Новина се материјалите за почетоците на Крушево како населба. Од 15, па со неговиот развој во 18. век, периодот на ајдутството. Се прецизираат сите црковни општини во градот, формирањето на Организацијата. Документирани се и локалните ликови кои ја формираат Организацијата – во 1895 година на Крстовден (27 септември), па за растот на Организацијата во регионот и формирање на Крушево како револуционерен реон на Македонската револуционерна организација која опфаќа близу 60 села. Артефактите се тука за формирањето на агитационите организациони чети, за набавката на оружје. Музејот поседува автентични материјали за трите провали кои се обезбедени од потомците.

-Имаме и материјали кои се однесуваат по Востанието, ликвидации кои се случуваат кога се замешуваат соседните пропаганди, Револуционерниот комитет кој го раководи Крушево веднаш по востанието и војводите кои се останати од 1904 до 1913 година и кои го раководат регионот и дејствуваат тука. Потоа, се документира доаѓањето на соседните окупаторски војски во Балканските војни. Имаме и материјали кои се посветени на сопствениците на куќата и како историски ликови. На пример, би го споменал Христо Димитров Томалевски, сопственикот на куќата, таткото на Наум Томалевски, како и синот на Ѓоре Макрев. Васил Макрев. Очекуваме да добиеме и поконкретни материјали кои со реконципирање на поставката ќе направиме обид да добиеме значајни материјали за фамилијата Томалевски кои имале комуникации со значајни ликови од европското и пошироко тло – објаснува Богески.

Материјалите се црпени од теренските истражувања, од архивите во земјава и од странство: од Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, од Австрија, Романија, Чешка, од Русија и од Англија. Ексклузивноста на материјалите е фасцинантна.

А неизбришлива трага при разгледувањето на поставката има – Црешовото топче, симболот на Републиката, на бунтот против подјарменоста. Го има централното место.

– Куќата е значајна и од преродбенскиот период. Тука престојувале многу револуционери кои успевале да се извлечат во клучни моменти кога имало потера од османлиската власт – гордо објаснува крушевскиот историчар Зоран Богески кој со години неуморно работи да ја збогати автентичноста и ексклузивноста на документите во најзначајниот крушевски, а и македонски, музеј – Музејот на Илинденското востание. ем/дј

фото: МИА