Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора, на која беше разговарано за придонесот на полскиот урбанист и архитект Адолф Циборовски во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Како што стои во соопштението на Општина Чаир, посетата на Бримора доаѓа по поставувањето на спомен-плочата посветена на Циборовски.
– За време на средбата се разговараше за исклучителниот придонес на Циборовски во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, со посебен акцент на неговата заложба за зачувување на Старата скопска чаршија како еден од најзначајните симболи на урбаниот, историскиот и културниот идентитет на градот – велат од Општината.

На средбата Меџити посочил дека оддавањето почит на личностите што оставиле траен белег во развојот на Скопје претставува израз на благодарност, но и потврда на посветеноста за зачувување на заедничкото наследство и зајакнување на меѓународната соработка.
– На крајот од средбата градоначалникот Меџити му се заблагодари на амбасадорот Бримора за посетата и за континуираната поддршка во унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Македонија и Република Полска – додаваат од Општината.
