По пауза од еден час, Собранието ќе ја продолжи седницата за пратенички прашања во 16 часот. Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска на почетокот на седницата информираше дека пратеничката Илире Даури добила одговор на нејзиното поставено прашање, со што како што посочи, сите недоразбирања во претпладевниот дел на седницата, се завршени.
-Согласно член 99, на седницата на Собранието никој не може да говори пред да добие збор од претседателот на Собранието. Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите за да почнеме да продолжиме со работа, рече Бендевска по што објави пауза до 16 часот.
Претходно, пратеничката Илире Даути од партијата Албанска лига, заедно со лидерот на партијата, Зијадин Села ја блокираа денешната седница за пратенички прашања. Даути бараше одговор за Предлог-законот за правична застапеност бидејќи се уште не добила никакво писмено објаснување од премиерот Христијан Мицкоски кому му го испратила прашањето. Истакна дека денешната седница мора да се прекине доколку не се одговори на прашањето.

Даути повеќепати процедурално бараше денеска да излезе и да ѝ одговори на одамна поставеното пратеничко прашање, потоа процедурално збор побара и пратеникот Ријад Шаќири од АА. Откако пратеничката не сакаше да ја напушти говорницата, лидерот Зијадин Села застана до неа по што Гаши даде половина час пауза за да се смири ситуацијата.
