Во Музејот на современа уметност во Скопје вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Прекин во тек“, која ги обединува делата на уметникот Игор Тошевски и уметничката група ОПА (Опсесивно посесивна агресија).
Како што информираат организаторите, изложбата отвора прашања за можноста малите поместувања, прекините и отстапувањата да ги направат видливи структурите што најчесто остануваат незабележани во секојдневниот општествен и институционален живот. Во таа насока, уметноста е претставена не како средство за илустрација или директна општествена промена, туку како практика што ги преиспитува правилата, протоколите и рутините преку кои се создава реалноста.

Во својата практика, Игор Тошевски ја третира уметноста како алатка за деконструкција на структурите на моќ, преиспитувајќи ги односите меѓу политичкиот авторитет, постсоцијалистичкиот контекст и слободата на изразување. Преку проектите „Досие“, „Обврзување“ и „Територии“, тој ги проблематизира прашањата поврзани со државната пропаганда, цензурата и институционалните рамки на изложувањето, користејќи ги масовните медиуми за преиспитување на концептите на оригиналност и колективна визуелна меморија.

ОПА (Опсесивно посесивна агресија), основана од визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски, својата практика ја развива преку интервенции во јавен простор, тактички медиуми, мокументарни форми и стратегии на субверзивна афирмација. Нивните проекти се фокусирани на критичко преиспитување на општествените, идеолошките и институционалните механизми на моќ, при што уметноста ја користат како платформа за јавна дебата и отворање на границите меѓу фикцијата и реалноста, како и меѓу уметноста и политиката.
