Во Собранието почна расправата по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Македонија за 2026 година. Пратениците од опозицијата оценија дека ребалансот на буџетот не е развоен и оти според нив, е признание за слаб институционален капацитет за негова реализација. Пратениците од власта, пак, посочија дека средствата од ребалансот се за реализација и комплетирање на сите планирани и почнати капитални проекти од интрес за граѓаните.
Според пратеникот на опозициската СДСМ, Фатмир Битиќи, овој ребаланс има уредна форма, но погрешна суштина.
-Во говорите се претставува како развоен документ, во бројките се чита како проширена дефицитарна рамка, а во реализацијата се открива како признание за слаб институционален капацитет. Зад зборовите раст, инвестиции и стабилност, стојат нови задолжувања, поскапи камати, недовршени проекти, одложени фактури и се потесен простор за идните буџети. Ова не е развоен ребаланс. Ова е фискално – сметководствено книжење на една промашена економска активност и економска политика. Буџетот има простор за поголем дефицит, но нема доволно визија за продуктивниот сектор. Затоа, ние пратениците од СДСМ нема да бидеме деструктивни. Ќе бидеме конструктивни во носење на овој ребаланс – рече тој.


Потенцира дека овој ребаланс е најслаб таму каде што, како што вели, една развојна политика треба да биде најсилна – кај домашните компании, индустријата и продуктивната економија.
-Владата зборува за инвестиции, конкурентност и новододадена вредност, но во исто време крати кај програмите што треба да ја носат таа економска сила. Владината приказна за развоен ребаланс звучи само како убав ПР наслов врз слаб административен капацитет. Развој не е бројка ставена во буџетска колона. Потребно е таа бројка да стане нов пат, модерна железница, опремено училиште, функционална болница, технолошки подготвена компанија, повисока продуктивност и подобра услуга за граѓаните. Неспорно е дека оваа Влада има амбиција, но и недостасува институционална сила за нејзината реализација – рече тој.
Битиќи нагласи дека во здрава и витална демократија, буџетската расправа треба да биде судир на аргументи, а не натпревар на повреденост.
-Треба да зборуваме за дефицит, приходи, расходи, за долг, за плати, за пензии, за животниот стандард на граѓаните. Но, власта нема цврст одговор на фактите, тогаш многу е лесно да ја преместува дебатата од јавната одговорност кон личната чувствителност, рече меѓу другото Битиќи.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски истакна дека средствата од ребалансот се за реализација и комплетирање на сите планирани и почнати капитални проекти кои се во интерес на граѓаните.
-Колеги од СДСМ гледам дека постојано говорите за оние седум милиони евра позајмени од М-НАВ за ЈПДП. И самите знаете во каква ситуација ги оставивте автопатите кои се градеа во тоа време и во какви долгови беа претпријатијата и затоа сега постојано од оваа говорница напаѓате, клеветите изминативе денови во медиумите. Инаку, овие средства се наменети за ЈПДП, заем за ЈПДП, затоа што оваа Влада работи на реализација и комплетирање на изградба на сите автопати кои се во моментов во градба и затоа тие средства се потребни на ЈПДП. Тие не се потребни за никакви долгови на државата или за никакви долгови на тоа претпријатие, туку за реализација на капитални објекти кои се во интерес на граѓаните. Во вашето владеење со ДУИ, исто така, имаше позајмици, земаа исти позајмици за капитални проекти кои за жал, на крајот не се реализираа. А што е најлошо од се, тие пари кои ги позајмивте од претпријатијата како Влада и како институции, не ги вративте во тие претпријатија и оставивте хаос зад себе – истакна Стојановски.

Во образложувањето на дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот за 2026 година, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека тој е одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво и континуитетот на развојните политики што даваат резултат.
-Макроекономските и фискалните остварувања во првата половина од годината условени од надворешните случувања ја наметнаа потребата од ревидирање на иницијалните проекции на буџетот со цел да обезбедиме дополнителни средства за сервисирање на најприоритетните обврски што произлегоа од потпишаните колективни договори, повеќе средства за земјоделството, за социјалната заштита и општините и, пред сè, повеќе средства за капитални расход. Како одговорна Влада и одговорно Министерство за финансии, наша обврска е навремено да реагираме и да ги усогласиме буџетските проекции со реалните економски движења и притоа да обезбедиме средства за исполнување на законските обврски, поддршка на граѓаните и продолжување на инвестицискиот циклус – рече Димитриеска-Кочоска.
