Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денеска потпиша седум договори за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој, во вкупна вредност од 1.048.509 денари, соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што соопшти Министерството, финансиската поддршка е наменета за реализација на локални настани посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и локалните традиции.
Средствата се доделени по спроведен јавен повик на кој биле доставени 26 предлози. По административната проверка и постапката за избор, седум манифестации ги исполниле условите за добивање техничка поддршка.


– Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска, односно ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини – порача министерот Серафимовски при потпишувањето на договорите- изјави Серафимовски при потпишувањето на договорите.
Поддршка добија Здружението за рурален и регионален развој „Блесок“ од Радовиш за манифестацијата „Од зрно до погача“, Земјоделската задруга „Шари“ од Тетово за „Ден на задруги 2026“, Здружението за земјоделци „Современо земјоделство“ од Битола за „Рурална жена – силата на Пелагонија“, како и Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу Фуд Водно“ од Скопје за манифестацијата „Храна за сите“.
