Општина Чаир го заокружи првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, кој од 23 до 26 јули ја претвори Старата скопска чаршија во сцена на врвна музичка уметност и културен дијалог.

Како што информираат од прес-службата на Општина Чаир, во текот на четирите фестивалски вечери биле реализирани четири концерти, на кои настапиле 20 солисти од земјава, Албанија, Романија, Италија, Косово и Шпанија, придружувани од Симфонискиот оркестар AYGA од Северна Македонија. Преку богата и разновидна програма, како што наведуваат, фестивалот ја потврдила својата уметничка и културна вредност. Илјадници посетители имаа можност да уживаат во концертите и да станат дел од една нова културна приказна што ја збогати културната понуда на Скопје.
Првото издание на фестивалот уште еднаш потврди дека Старата скопска чаршија е уникатен простор каде што културното наследство и современата уметност можат да создадат нови вредности, како за граѓаните, така и за туристите и за севкупниот развој на градот.


-Со фестивалот „Чаршија“ покажавме дека кога постојат визија и посветеност, може да се создаде нова културна традиција која ќе стане симбол на Чаир и на Скопје. Нашата цел не беше да организираме само уште еден настан, туку да ги поставиме темелите на фестивал кој од година во година ќе расте, ќе привлекува реномирани уметници и ќе ја промовира Старата скопска чаршија како еден од најзначајните културни и туристички простори во регионот. Им благодарам на сите уметници, соработници, институции и посетители кои придонесоа ова прво издание да биде успешно и достојно да прерасне во нова традиција – посочува градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Општина Чаир останува посветена на развојот на културата како столб на локалниот развој, туризмот и меѓународната промоција на Општина Чаир, градот Скопје и државата.
