Покрај стабилизацијата на секторот, во изминатите две години силен фокус ставивме на капиталните инвестиции, модернизацијата и изградбата на функционални институции, изјави Јулија Тушевска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Затекнавме нереализирани кредити и проекти што со години стоеја во место, кредитот од германската банка KfW, вреден 80 милиони евра, пет години не бил реализиран, а државата плаќала милионски пенали, додека кредитот од Светската банка за модернизација на земјоделството, имаше реализација помала од 10 проценти.
Денес состојбата е целосно променета и посветено се работи на модернизација на земјоделството, така за логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје веќе е завршена постапката за избор на изведувач, а центарот ќе биде изграден до крајот на 2027 година, додека во Струмица се подготвува изградбата на современ центар за сортирање и складирање на земјоделски производи.

Паралелно, се воспоставува интегриран дигитален систем за управување со земјоделското земјиште, а во делот на државното земјоделско земјиште склучени се повеќе од 2.100 договори за околу 6.000 хектари, а ослободени се дополнителни 2.000 хектари кои во најскоро време ќе им бидат ставени на располагање на земјоделците.
Во водостопанството обезбедивме финансиска стабилност, инвестиции и забрзана реализација на капиталните проекти, за што во 2025 година е доделена финансиска поддршка од 132 милиони денари.
По цели шест децении, се исчисти езерото Младост, додека површините под наводнување се зголемени од околу 14.000 на 17.700 хектари и откочени се проектите за браните Конско и Речани, хидросистемот Равен – Речица, системите за наводнување Колибари, Сарај и Турија, проектот Злетовица. Обезбедени се и европски средства за нови системи во Сопот и Новаци, додека проектите за системите за наводнување Страиште и Пепелиште, веќе се во активна фаза, со избрани постапки и подготовка за изградба.
Во делот на шумарството, од претпријатие кое работеше со загуба и неисплатени плати, денес има профит од 10 милиони денари и нов дигитален систем за следење на шумските ресурси, што значително ја подобрува контролата и транспарентноста.
Во ловството, склучени се 71 нов договор за концесија на ловишта, а во рибарството по долг застој повторно е реализирано порибување на Охридското Езеро со околу еден милион единки охридска пастрмка.
Паралелно на ова се работеше и на законските реформи, при што подготвени се новите закони за земјоделско земјиште, земјоделство и рурален развој, уредување на пазарите и шумите, како и воспоставување револвинг фонд за откуп на земјоделски производи.
Резултатите се јасни и видливи, од проекти што со години стоеле во место, денес имаме активни градилишта, нови инвестиции, модернизација и институции што работат во интерес на граѓаните и во таа насока ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со политики што носат развој, инвестиции и силно македонско земјоделство.
