Инвестиција од над 28 милиони денари за реставрација и модернизација на Старата скопска чаршија – соопшти градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, по извршениот увид во градежните активности.
-Со инвестиција од над 28 милиони денари, на Старата чаршија ѝ ги враќаме функционалноста, современиот стандард и достоинството што го заслужува. Ја модернизираме инфраструктурата, а истовремено го зачувуваме нејзиниот идентитет и историски карактер, кои ја прават Чаршијата еден од највредните простори на Скопје – посочил Меџити.

Од Општина Чаир информираат дека работите влегле во првата фаза, која опфаќа изградба на нова водоводна и канализациска мрежа. Во следните фази, како што посочуваат, ќе следуваат реставрација на калдрмата, поставување ново осветлување во традиционален стил и уредување на јавниот простор, со цел модернизација на инфраструктурата, притоа зачувувајќи го историскиот и архитектонскиот идентитет на Чаршијата.

Проектот, како што наведуваат, има за цел подобрување на инфраструктурата и јавниот простор, со зачувување на автентичноста на Старата скопска чаршија како еден од најзначајните историски, културни и економски центри на Скопје.
