Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ потпишаа Меморандум за соработка со кој започнува нова фаза во промоцијата, заштитата и валоризацијата на македонскиот рубин и целокупното геолошко наследство на државата.

Меморандумот го потпишаа министерката Сања Божиновска и претседателот на здружението Илија Петковски, со што се воспоставува институционална, научна и стручна соработка насочена кон афирмација на геонаследството, минералното богатство и палеонтолошкото наследство на Македонија.
Според Министерството, Меморандумот претставува продолжение на заложбите на Министерството за афирмација заштита, валоризација и промоција на македонското минерално богатство. По воспоставувањето на правната заштита на македонскиот рубин, следниот чекор е негова поширока презентација пред домашната и меѓународната јавност, како еден од најпрепознатливите симболи на македонското геолошко наследство.


-Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано, богатство кое заслужува многу поголема видливост. Нашата цел е да стане достапно за јавноста, да ја развиваме научната свест, да ја доближиме геологијата до граѓаните, да го поттикнеме интересот кај младите за природните науки, да го развиваме геотуризмот и да покажеме дека природните богатства се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал. Македонскиот рубин е еден од тие највредни симболи и заслужува да биде достојно претставен пред светот- истакна министерката Божиновска.
Со Меморандумот се воспоставува долгорочна соработка која предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, јавни предавања, работилници, едукативни програми и тематски поставки, како и воспоставување партнерства и соработка со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции за промоција на македонското геонаследство.
На потпишувањето присуствуваше и Деан Шкартов, еден од најголемите промотори и познавачи на македонскиот рубин, долгогодишен член и соработник на Здружението „Откритие“, чија богата минералошка колекција претставува значаен придонес во афирмацијата на македонското геолошко наследство во земјата и во странство.

Како резултат на ова партнерство, во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството, кој ќе прерасне во постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати. Центарот ќе биде место каде институциите, науката и стручната фела ќе работат заедно на заштита, валоризација и меѓународна промоција на македонското геолошко наследство, развој на геотуризмот и поголема свест за природните богатства што ги поседува Македонија.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со оваа иницијатива уште еднаш потврдува дека природните ресурси не се само економски потенцијал, туку и национално богатство што треба да се заштити, научно да се вреднува и достојно да се претстави пред идните генерации и пред светот.
