Турската заедница доби место во централната власт. Со 67 гласа ЗА и 13 против Собранието го избра претседателот на Демократската партија на Турците, Зулфикар Зејнула за нов министер без ресор. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој е предлог кој ја покажува определбата на Владата, дека одлуките треба да ги носат луѓето според способноста, а не според етничка или некаква друга припадност. Вели на Македонија денес од кога било повеќе и е потребна политика што обединува, а не што гради нови поделби.
-Овој предлог е дел од една поширока политика, што ја водиме од самиот почеток, политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата. Тоа партнерство не се темели на поделби, туку на заедничка определба да се работи за интересите на сите граѓани, верувам дека токму во ова се гледа зрелоста на една Влада, да ги отвори институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат, изјави Мицкоски.
Пратеникот и поранешен претседател на Демократската партија Турците Бејџан Иљаз изрази задоволство што турксата заедница ќе учествува во градење попросперитетна држава. Изрази надеж дека изборот на Зејула дополнително ќе го засили партнерството со Турција.

-Со денешниот избор верувам дека и така одличните односи на Република Македонија со нашата матична земја, Република Туркије ќе земе поголем замаф и односите ќе се зацврстат уште повеќе. Со вложување на заедничките капацитети за надминување на потребите на граѓаните, ќе можеме и ние да дадеме удел во просперитетот на нашата заедничка земја, изјави Иљаз.
Пратеникот од коалицијата на ДУИ, Сали Мурати, кој доаѓа од турската заедница наместо за профилот на Зејнула реши да говори коалиционите договори, бидејќи Демократската на партија на Турците беше дел од Европскиот фронт, кој го напушти пред една година.
-Кога увидоа дека нема кај да одат, побараа другиот услов. Другиот услов е јас во листата да бидам под нив, тие да бидат пред нас. И во консултација со мене, јас прифатив зошто знаев дека ќе бидам сигурен пратеник, ми беше гарнтирано местото. И еве од тука се заблагодарувам на Европскиот фронт, изјави Мурати.
Од СДСМ пак не го поддржаа изборот на Зејнула, иако немале ништо против него. Неговото поставување на позицијата министер без ресор, според нив било политички договор.
-Коалицијата предводена од СДСМ нема да го поддржи овој предлог, не заради тоа што имаме против човекот, немаме ништо, напротив беше дел од нашата Влада, туку заради тоа што сметаме дека ништо од овие работи кои што ги наведов нема да се променат, изјави Спасовски
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците пред две недели потпишаа коалиционен договор, со што коалицијата „Твоја Македонија“ доби еден пратеник плус и сега во Собранието имаат 59 народни избраници.
Матеја Петровски
