Реклама

По хаваријата со водоводот: Владата ветува брзо решение за Гостивар

Однесено со ветрот: Ден по силната бура Скопје полека се опоравува, се санираат и бројат штетите

Кулминира топлотниот бран во Грција – во Атина екстремна опасност од пожари

Рокас: ЕУ ве гледа како идна членка, но владеењето на правото останува бескомпромисен услов

Брисел со нови пофалби за Македонија: Додека опозицијата блокира, Владата засилено работи на реформите

Од пеколни температури и пожари, до свежо време и бури: екстремна промена на временските услови за само една година

Повеќе пари за земјоделството, социјалната заштита и капиталните инвестиции – ребалансот на буџетот оди во Собрание

Невремето откорна дел од кровот на болницата во Штип, сериозни штети има во Чешиново-Облешебо

Историска посета на претседателката на Индија на Македонија: Амбициозни цели трговската размена да порасне од 133 милиони на 500 милиони долари

Средба Друпади Мурму- Гордана Сиљановска Давкова: Прва историска посета на претседател на Индија на Македонија.

Невремето направи големи штети во Дојран, Делчево и кумановско

Гостиварци 22 дена пиеле фекалии, а ИЈЗ Гостивар тврдел дека е чиста три дена пред да се открие

Македонија

Д-р Мерџаноски: Со исхраната против остеопороза – но и пешачење, вежби, нормална тежина и без цигари и алкохол

Исхраната е само дел од превенцијата против остеопороза. Потребни се редовно пешачење,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Исхраната е само дел од превенцијата против остеопороза. Потребни се редовно пешачење, вежби со оптоварување и вежби за сила и рамнотежа, одржување нормална телесна тежина, престанок на пушењето и ограничување на алкохолот. Ова го истакна проф. д-р Игор Мерџаноски, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар во Скопје.

Со него разговаравме, меѓу другото, и за тоа како преку соодветна исхрана може да се спречи оваа „тивка“ болест кај повозрасните.

Нов апарат за дензитометрија, за мерење на густината на коските, во април беше ставен во функција на Ортопедската клиника „Мајчин дом“ во Скопје. Во интервјуто докторот потврди дека интересот за новиот апарат за дензитометрија бил исклучително висок, термините за редовно снимање преку системот „Мој термин“ се пополнувале брзо. Од неговото пуштање во употреба до денес биле прегледани 418 пациенти.

Реклама

Тој истакна дека во земјата се применува таргет-скринингот, тоа значи дека снимањето не се прави автоматски, туку се врши селекција на пациенти врз основа на ризик-фактори и одредена возраст.

Пациентите што се упатуваат имаат дополнителни ризик-фактори, како рана менопауза, пушење, семејна историја на остеопороза, лица што долготрајно користат кортикостероидна терапија или имаат хронични болести, како дијабетес, ревматоиден артритис.

Го прашавме колку здравиот начин на живеење е важен за избегнување на здравствените проблеми, a разговаравме и за проблемот со сколиоза и кифоза меѓу младата популација.

– Здравиот начин на жив не е луксуз или тренд, туку најефикасниот лек што постои во современата медицина. Дури 70-80 отсто од сите хронични болести се директна последица на нашиот животен стил – вели докторот.

Заврши уште една школска година, а во септември почнува новата. Колкав е процентот на сколиоза меѓу младата популација и на што се должи страничното искривување на ’рбетниот столб?

– Сколиозата претставува тридимензионално искривување на ’рбетниот столб, при што покрај страничното искривување, постои и ротација на прешлените. Адолесцентната идиопатска сколиоза се јавува приближно кај 2-3 % од младите, а според некои истражувања, може да се сретне и кај до 4 % од адолесцентите. Најчесто се открива во периодот на забрзан раст, односно непосредно пред и за време на пубертетот.

Кај речиси 80 % од случаите не може да се утврди конкретна причина и затоа зборуваме за идиопатска сколиоза. Се смета дека влијание имаат генетската предиспозиција, растот и повеќе биолошки фактори. Поретко сколиозата може да биде вродена или да биде последица на невромускулни и други заболувања.

И кај момчињата и кај девојчињата може да се појави лесна форма, но поголемите и прогресивни искривувања се значително почести кај девојчињата.

Прекумерното седење пред компјутер или користењето мобилен телефон – колку и како влијаат врз појавата на кифоза или искривување на грбот и ’рбетниот столб?

– Треба да направиме јасна разлика меѓу сколиозата и лошото држење на телото. Долгото седење, неправилната положба пред компјутер и постојаното наведнување над мобилен телефон не се директна причина за идиопатска сколиоза.

Но, тие може да предизвикаат постурална кифоза, односно згрбавено држење, мускулна слабост, скратување на одредени мускулни групи, болки во вратот, рамениците и грбот. При користење мобилен телефон се зголемува наведнувањето на трупот и изразеноста на градната кифоза.

Затоа им препорачуваме на младите на секои 30-45 минути да станат и да се раздвижат, екранот да биде поставен во висина на очите, да седат со потпрен грб и да имаат редовна физичка активност.

Особено се корисни пливањето, пешачењето, вежбите за јакнење на мускулите на грбот и стомакот и вежбите за правилно држење.

Лошото држење не создава структурна сколиоза, но може да ја прикрие, да го влоши изгледот на телото и да предизвика дополнителни тегоби.

Дали навремено се препознаваат овие состојби кај младите, како се решаваат и колкава е успешноста во надминувањето на проблемите?

– За жал, сколиозата често се открива случајно или во понапредната фаза бидејќи на почетокот најчесто не предизвикува болка. Детето може да има едно рамо повисоко од другото, испакната лопатка, нееднаква половина, накосена карлица или при наведнување напред да се забележи изразено испупчување на едната страна од грбот.

Терапијата зависи од возраста, преостанатиот раст и степенот на искривување. Кај малите кривини најчесто е потребно редовно следење и специфична физикална терапија. Кај деца што сè уште растат и имаат прогресивно искривување може да се препорача корсет. Кај тешки и прогресивни деформитети се разгледува оперативно лекување.

Кога состојбата ќе се открие навреме, можностите за контролирање на прогресијата се многу поголеми. Целта не е секогаш ’рбетот целосно да се исправи, туку да се спречи влошувањето, да се зачува правилната функција и детето да има нормален, активен живот.

Современите методи на конзервативно и оперативно лекување даваат многу добри резултати, особено кога третманот почнува пред искривувањето да стане големо и ригидно.

Колку се важни превенцијата и скринингот и како да се зголеми свеста кај населението?

– Самата идиопатска сколиоза не може во целост да се спречи со правилно седење, вежбање или исхрана. Она што можеме да го спречиме е доцното откривање и развојот на тежок деформитет.

Едноставен клинички преглед може да се направи за неколку минути, без зрачење. Детето се набљудува во исправена положба и при наведнување напред. Доколку се забележи асиметрија, се упатува на специјалистички преглед, а рендгенско снимање се прави само кога постои медицинска индикација.

Потребно е поголемо вклучување на педијатрите, матичните лекари, училишните здравствени служби, наставниците по физичко образование и на родителите. Најсоодветен период за проверка е периодот пред и за време на пубертетот кога растот е најинтензивен.

Меѓународните стручни организации немаат целосно единствен став за задолжителен масовен скрининг на сите деца, но постои согласност дека клиничкото препознавање на ризичните деца и нивното навремено упатување се исклучително важни.

За разлика од помладите, повозрасните многу често се соочуваат со остеопорозата како тивка болест. Како преку соодветна исхрана може да се спречи нејзината појава?

– Остеопорозата ја нарекуваме тивка болест затоа што пациентот може со години да нема никакви симптоми, а првиот знак да биде скршеница на колкот, прешлените или рачниот зглоб.

За здравјето на коските важни се калциумот, витаминот Д и доволното внесување протеини.

Суплементите не треба да се земаат неконтролирано. Тие се препорачуваат кога внесувањето преку храната е недоволно или кога лабораториски ќе се утврди недостиг, но во доза определена од лекар.

Исхраната е само еден дел од превенцијата. Потребни се редовно пешачење, вежби со оптоварување и вежби за сила и рамнотежа, одржување нормална телесна тежина, престанок на пушењето и ограничување на алкохолот. Важна е и превенцијата од паѓање бидејќи токму падовите се честата непосредна причина за скршеници.

Нов апарат за дензитометрија, за мерење на густината на коските, во април беше ставен во функција на Ортопедската клиника „Мајчин дом“ во Скопје. Колкав е интересот за оваа здравствена услуга и што покажуваат податоците од тримесечното функционирање?

– Интересот за новиот апарат за дензитометрија е исклучително висок, термините за редовно снимање преку системот „Мој термин“ се пополнуваат бргу. Од неговото пуштање во употреба до денес се прегледани 418 пациенти.

Кога може да се очекува регистар на пациенти со остеопороза?

– Регистарот на пациенти со остеопороза е неопходен за да знаеме колку пациенти имаме, каде се лекуваат, каква терапија примаат, дали ја земаат редовно и колку скршеници настануваат и покрај лекувањето.

Вакви апарати има неколку во здраствените установи во државата. Се размислува ли за скрининг-програма преку која би поминувале, на пример, лица на одредена воздраст?

– Во земјата се применува таргет-скринингот, тоа значи дека снимањето не се прави автоматски, туку се врши селекција на пациенти врз основа на ризик-фактори и одредена возраст.

Пациентите што се упатуваат имаат дополнителни ризик-фактори, како рана менопауза, пушење, семејна историја на остеопороза, лица што долготрајно користат кортикостероидна терапија или имаат хронични болести, како дијабетес, ревматоиден артритис.

Многу често и со години пациентите се жалат дека нема термини за здравствена заштита, контролни прегледи и операции и дека се препраќаат да се лекуваат на приватно. Како да се надминат овие проблеми во државното здравство за да имаме позадоволни пациенти?

– За да се постигне поефикасен систем и позадоволни пациенти, решенијата мора да се насочат кон подобра координација меѓу трите нивоа на заштита. Подобрата координација е навистина вистинскиот клуч – таа не бара виновници, туку создава мостови меѓу лекарите на овие три нивоа. Кога примарното, секундарното и терцијалното здравство работат како добро подмачкана мрежа, притисокот се распределува рамномерно, а пациентот го добива лекувањето бргу.

Колку здравиот начин на живеење е важен за избегнување на здравствените проблеми?

– Здравиот начин на живеење не е луксуз или тренд, туку најефикасниот лек што постои во современата медицина. Дури 70-80 отсто од сите хронични болести се директна последица на нашиот животен стил. Во медицината веќе не ја мериме само должината на животот, туку квалитетот на годините што ги живееме. Мојата цел како доктор не е само да му помогнам на пациентот да дочека 80 години, туку на таа возраст тој да биде подвижен, со остар ум и независен од туѓа нега.