Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, искажува задоволство од се поголемиот број домашни и странски туристи, кои го посетуваат Дебар и неговата поширока околина.
„Особено нè радува што од ден на ден расте бројот на туристи кои го избираат Дебар и околината како своја туристичка дестинација, кои располагаат со природни убавини и многу познати културно-историски споменици. Тоа претставува потврда дека нашиот град станува сè попривлечен за домашните и странските посетители“, оценува Меља, во објава на Фејсбук.

Токму затоа, додава, Општина Дебар веќе е во фаза на подготовка на стратешки план за развој на туризмот, кој ќе претставува основа за одржлив туристички развој, подобра промоција на нашите природни и културни богатства и создавање нови можности за локален економски развој.

Според него, кон се поголемот број туристи придонесуваат и хотелските капацитети во градот кои нудат квалитетна услуга и сместување по највисоки стандарди.

Меља во објавата информира за средба со двајца француски туристи кои изразиле желба да се сретнат со градоначалникот.
– Со особено задоволство, денеска во мојот кабинет ги пречекав Франк и Бландин од Франција, кои го посетија Дебар со желба одблизу да ги запознаат природните убавини, културното наследство и туристичките потенцијали на нашиот град. Секогаш се добредојдени сите, кои доколку еднаш го посетат нашиот крај, убеден сум дека ќе поскаат повторно и повторно да дојдат- напиша Меља.
