Обвинителството ќе мора да открие, судот ќе мора да пресуди кој ги труел гостиварци. Кривично ќе одговара тој што дозволил загадената вода од реката Вардар да се внесе директно во градскиот водовод. Премиерот Христијан Мицкоски со неверување вели дека не може да разбере, како некој дозволил да се случи такво нешто и очекува судските инстанци да ја прочешлаат целата работа до крај.
-Јас навистина не можам да разберам како некои луѓе може така дрско да се однесуваат и така несовесно да се однесуваат просто е неверојатно како така лесно ги прифаќаат овие работи и како се одлучуваат да прават такви работи. За мене ова е се шокантно и просто со неверување е сето ова кое што таму некој го направил. Но ќе има одговорност се разбира и таа одговорност нормално понатаму во рамките на судски процес ќе треба да се констатира, вели Мицкоски.
Гостиварската болница е преплавена со пацинети, за само три дена околу 1.200 граѓани побарале лекарска помош со исти симптоми, стомачни болки, повраќање, дијареа, температура и малкасност. Меѓу пациентите има и повеќе до 300 деца. Мицкоски потенцираше дека со цел откривање на причините, сите надлежни се на терен.

-Во овој момент сите институции се на терен, се преземаат мерки, се испитуваат мостри од водата и имаме процес кој што го води и Обвинителството. Јас мислам дека многу скоро ќе се излезе со информација, за тоа што се случило, кој е тој кој што дал наредба тоа да се случи и се разбира дека ќе има одговорност, изјави Мицкоски.
Од СВР Тетово соопштија дека по преземените активности утврдиле дека причината најверојатно била во вбризгување на загадена вода во градскиот водовод за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа од црпно место во село Вруток.
Екипите на Центарот за јавно здравје веќе зеле примероци од четири локации, резултатите кои треба да дадат одговор дали водата е безбедна за пиење се чекаат 72 часа.
Матеја Петровски
