Преземање на превентивни мерки за намалување на ризикот од пожари, како и зачестената појава на штетен дивеч на подрачјето на општина Гевгелија, посебно кај земјоделските површини, биле теми на последниот координативен состанок на гевгелискиот Општински штаб за заштита и спасување.
На средбата, покрај градоначалниците на Гевгелија и Дојран, Андон Сарамандов и Илија Тентов, учествуваа сите надлежни институции и претставници од месните заедници и ловните друштва.

-Се разговараше за актуелната состојба со пожарите и подготвеноста за навремено и ефикасно дејствување. Посебен акцент беше ставен на преземањето превентивни мерки за намалување на ризикот од појава и ширење на пожари, при што сите институции согласно своите законски надлежности, беа задолжени да ги преземат неопходните активности и да обезбедат максимална координација и присуство на терен во претстојниот период, велат од Општина Гевгелија.

На состанокот било отворено и прашањето за се почестата појава на штетен дивеч на територијата на општина Гевгелија, особено кај земјоделските површини и полските насади, каде што се предизвикуваат штети на земјоделските култури на граѓаните,
Оттаму додаваат дека се разгледани можните мерки и активности што ќе бидат преземени во рамките на законските надлежности на институциите, со цел изнаоѓање решение за намалување на последиците од оваа појава.
