Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ги пречекал делегациите на фолклорните ансамбли од повеќе земји во светот, кои учествуваат на 21. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Фолклорните вечери на Чаршијата“.
Како што информираат од општинската прес-служба, Меџити им посакал добредојде на учесниците, истакнувајќи го значењето на фестивалот како мост што ги поврзува културите, традициите и народите преку уметноста и фолклорот.

-Овој фестивал е доказ дека културата е универзален јазик што ги зближува луѓето и гради мостови на пријателство меѓу народите. Чаир останува посветен на поддршката на иницијативи кои го промовираат културното наследство и меѓукултурниот дијалог – нагласил Меџити.

Од општината информираат дека Фестивалот, во организација на Ансамблот за народни песни и игри „Ибе Паликуќи“ под раководство на Веби Амза, веќе 21 година е дел од културниот живот на Скопје и продолжува Старата чаршија да ја претвора во место каде што се среќаваат културите и традициите од различни земји.
