Висока делегација на Вооружените сили на Сојузна Република Германија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Карстен Бројер, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Армијата и на државата.
По пречекот со високи воени почести во Генералштабот на Армијата, генералот Бројер оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во изјавата за медиуми, Лафчиски изрази задоволство од посетата на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Германија, за која рече дека претставува уште една потврда на силното и искрено пријателство помеѓу Македонската армија и Вооружените сили на Сојузна Република Германија, партнерство изградено врз доверба, заеднички вредности и јасна определба за мирот и безбедноста.

Притоа, Лафчиски истакна дека Германија е еден од нашите најзначајни сојузници и пријатели.
– Нашата одбранбена соработка има долга традиција и е потврдена преку различни форми на поддршка, развој на способности и заеднички ангажмани. Голем број наши припадници се обучуваа и усовршуваа во вашите реномирани едукативни центри, стекнувајќи знаења и искуства кои активно се применуваат во нашата армија. Посебно ја цениме професионалноста и стандардите што ги пренесоа во нашите единици како лидери во командните структури на Армијата – нагласи Лафчиски во изјавата за медиуми.
Патем додаде дека од исклучително значење беше и германската поддршка во опремување и модернизација на Армијата, особено во периодите кога тоа ни беше најпотребно.
– Нашето партнерство се потврди и преку заедничкото учество во НАТО-водените мисии во Авганистан, каде што водечка нација беше Германија. Токму оваа соработка, заедно со поддршката од останатите сојузници, придонесе денес Македонската армија да биде модерна, професионална и високо обучена, целосно интероперабилна со НАТО и подготвена да дејствува рамо до рамо со сојузниците – подвлече тој.
Лафчиски информираше дека во рамките на денешната средба имале отворени и конструктивни разговори за актуелната безбедносна состојба во Европа и регионот, за предизвиците со кои се соочува Алијансата и за нашите заеднички обврски како сојузници.
Разговарале и за состојбите на Западен Балкан и значењето на мисиите КФОР во Косово и АЛТЕА во Босна и Херцеговина, кои, како што рече, остануваат важен фактор за стабилноста и безбедноста во регионот.
Како претставници на две земји – членки на НАТО, дискутирале и за регионалните планови на НАТО за Југоисточна Европа, вклучително и значењето на Коридорот 8 и Коридорот 10, за воената мобилност, брзото распоредување и логистичката поддршка на сојузничките сили.
Од аспект на национални капацитети за обука и вежби, на генералот Бројер, му биле презентирани и можностите и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, што денес, како што рече Лафчиски, претставува еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.
– На денешните разговори, ја потврдивме и нашата заедничка определба дека ние, сојузниците, сме обединети околу нашата примарна мисија – заштита на секоја педа од територијата на НАТО. Дополнително ја потврдивме и заложбата да ги преземеме сите активности што се во наша надлежност, согласно одлуките на Алијансата, усвоената Декларацијата на Самитот на НАТО во Анкара. Во овој контекст забрзано работиме на активирање на програмата „Ring exchange“ која ќе ја обезбеди соодветната поддршка – истакна Лафчиски.
Тој упати благодарност до генерал Бројер за искреното пријателство и за континуираната поддршка која Германија ја дава на Армијата и државата.
– Убеден сум дека нашата соработка ќе продолжи да се зајакнува во иднина, а сè во интерес на безбедноста на нашите граѓани и целата Алијанса – подвлече Лафчиски.

Последната посета на началник на германски Генералштаб овде била пред 20 години и затоа, како што рече Бројер, било важно за него лично да дојде за да види како се одвива билатералната соработка.
– Германија и Македонија имаат долгорочна воена соработка и Берлин секогаш го поддржувал Скопје на патот кон полноправно членство во НАТО. Од 2020 наваму, нашето партнерство е уште поблиско и посуштинско. Северна Македонија е веродостоен сојузник и ова е многу важно во денешното безбедносно окружување. Големината на воените сили не е најважниот аспект, туку и посветеноста, подготвеноста и конкретниот придонес во заедничката безбедност, и Македонија го обезбедува токму тоа – истакна тој.
Притоа додаде дека регионот на Југоисточна Европа има стратешка важност за безбедноста на Европа, а стабилноста на овој регион е дел од безбедноста на Европа и НАТО.
– Македонија игра важна улога како чинител на стабилност, веродостоен партнер на НАТО, и со тоа го јакне регионот, Алијансата и европската безбедност. Германија многу ја цени оваа улога и затоа е важна нашата меѓусебна соработка, што мора да биде практична и релевантна. Неодамна се договоривме за размена на воена опрема меѓу нашите сили, но, исто така, имаме блиска соработка во рамките на мисии и вежби, во кои германските и македонските војници служат рамо до рамо во КФОР, УНИФИЛ и силите распоредени на источното крило. Таму се гради вистинската интероперабилност, преку обука, вежби, заеднички процедури и оперативно искуство – нагласи тој.
Бројер подвлече дека европската безбедносна архитектура е целосно променета и затоа мора да делуваме заедно побрзо, поефикасно и ефективно, и во рамките на НАТО структурите.
– Нашата цел е многу јасна: да се зајакне европскиот столб на НАТО преку единство, способности, конкретен воен придонес и тесна соработка меѓу партнери, сојузници и пријатели, како што е Македонија – рече Бројер.
Како што е најавено, Бројер денеска треба да се сретне и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Во рамките на посетата, генералот Бројер треба да оствари средби и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, како и со премиерот Христијан Мицкоски.
