Филмот „Кома“ на режисерот Агим Абдула вчеравечер ја имаше својата фестивалска премиера на “Преку езерото” во Дојран. Ова филмско остварување го карактеризира бавно темпо и долги сцени, кои, како што рече режисерот, потекнуваат од времето кога студирал филмска режија во Иран.

-Имав чест и привилегија да студирам режија во Иран и тоа беше намерата, да се види печатот од моите студии во времето кога учев таму и во едно мое филмско дело. Ова не е филм погоден за широка публика, но сакав да се гледа печатот од школото од кое доаѓам. Филмот е наменет за филмска публика, за оние што вистински сакаат филм, да го проследат со трпение и внимание, изјави Абдула кој е гостин на годинешното издание на фестивалот.
Приказната во „Кома“ доаѓа од вистински настан, кој му се случил на пријател на режисерот.

– Инспирацијата е од вистинска случка, што ја доживеа мој пријател во Италија. Дојде веста дека умрел, па потоа констатираа дека бил во клиничка смрт, но меморијата му беше како на 5-годишно дете. Не се сеќаваше на никој од нас пријателите. Лекарите посочија дека излез е да се врати дома, каде што е неговото семејство, пријателите и само така има надеж да се поврати во реалниот живот. Мојот братучед цели 7 години беше секој ден со него, и конечно успеа да си ја врати меморијата. Сега тој е оженет човек со деца и има среќен живот, но не памети дека некогаш му се случила несреќата, рече Абудла.

Во Дојран заедно со режисерот на фестивалот допатува и главната актерка Лина Абдула, како и кинематограферот Душан Кардалевски.
-Сакам да му се заблагодарам на Душан Кардалевски за одличната работа и трпението и на Лина која снимаше на минус 15 степени и која во текот на снимањето по повеќе повторени сцена почна да плаче од студ, но, на крајот успеавме да го завршиме филмот, изјави режисерот, кој ја истакна и извондредната глума на актерот Џевдет Јашари.
Тој додаде дека следно ќе снима краток документарен филм во Шведска, но се подготвува и за долгометражен филм.

Денеска во ЕУ хаус во Струмица, во рамки на “Преку езерото” се одржува и работилница „Вештачката интелегенција во филмот“ поддржана од Креативна Европа, на која ќе говорат Милош Џукелиќ од Србија, Момчил Алексиев од Бугарија и Наташа Димитриевска од Канцеларијата на Креативна Европа во Македонија.
Вечерва на фестивалската програма, од 20.30 часот во Амфитеатарот во Дојран е претпоследниот филм од официјалната селекција, “Месо” на режисерот Димитер Стојанович од Бугарија. Филмот ја следи приказната за Надежда Стојанова (60–65 години), позната преведувачка од јапонски јазик и универзитетска професорка на врвот на својот живот и искуство, кога дознава дека има тумор. Веста ја прима заедно со својата 30-годишна ќерка Евгенија, водителка на најгледаниот телевизиски канал. Двете веруваат дека болеста ќе биде излекувана и дека нивните животи нема драстично да се променат, но и двете грешат.
Во краткометражната селекција публиката од 22 часот ќе може да ги проследи “Бегство” во режија на Хаљим Љута и “Начинот на Чипан” на Антонио Вељаноски.
