Водоснабдувањето на Куманово и наводнувањето на земјоделските површини во Кумановско-липковскиот Регион се одвиваат непречено – информираа денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско Поле“. Браните „Глажња“ и „Липково“ располагаат со доволни количини вода.
– Во акумулацијата „Глажња“ во моментот има речиси 18 милиони кубни метри вода, а во браната „Липково“ има приближно еден милион кубни метри – информира раководителот на ЈП „Кумановско-липковско Поле“, Дарко Живковски.

Тој посочи дека претпријатието редовно ги испорачува потребните количини сурова вода до ЈП „Водовод“. Непречено се одвива и наводнувањето на земјоделските површини во регионот. Според Живковски, обилните врнежи во изминатиот период значително придонеле за полнење на акумулациите.

-Бевме сведоци на интензивни врнежи, имавме и прелевање на браната, така што сезоната ја започнавме со полни акумулации. Во споредба со минатата година, сега имаме поголемо количество вода. Тоа, сепак, не значи дека не треба да водиме сметка за користењето на водниот ресурс. Не знаеме какви ќе бидат врнежите следната зима, па затоа е неопходно рационално користење на водата за да обезбедиме доволни резерви и за наредниот период – изјави Живковски.

Тој упати апел до граѓаните и земјоделците водата да ја користат совесно, и за наводнување и за водоснабдување. Живковски информира дека претпријатието во изминатиот период работело и на расчистување на критичните речни корита во регионот, со цел да се намали ризикот од поплави.
Во однос на реакциите на граѓаните за дивите депонии во близина на липковската брана, Живковски рече дека веќе разговарале со локалната самоуправа.
– Разговаравме со градоначалникот на Општина Липково и се разгледуваат можностите како да се заштити просторот околу браната. За жал, дел од граѓаните фрлаат отпад од домаќинствата и градежен шут непосредно под браната. Иако тоа не е наша директна надлежност, со расположливите ресурси ќе помогнеме во расчистување на отпадот, со цел просторот да биде исчистен и заштитен – рече Живковски.
Претпријатието почна и со расчистување на коритото на Крива Река и Ранковачка Река кај Ранковце, кои не биле чистени две децении. Налдежните најавија расчистување на критичните точки за да спречат излевања и поплавување на земјоделските површини.
