Бројот на пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголемува, парламентарното мнозинство продолжува да се консолидира, а пратеничката група сега брои 59 пратеници., стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ потпиша Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија, со што покажа дека има голем демократски капацитет и широк коалициски потенцијал.
Со овој договор се испраќа јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели

Партнерството е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани, додека пак, турската заедница останува нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на Македонија.
Соработката со Демократската партија на Турците во Македонија е доказ дека вистинските политики не ги разделуваат, туку ги поврзуваат луѓето и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност.
Како државничка партија, ВМРО-ДПМНЕ го постигна овој договор во насока на зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, како неопходен предуслов за продолжување на реформите, реализација на проектите и исполнување на обврските преземени пред граѓаните на избори.
Ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е силна, стабилна и моќна политичка структура, која ја препознаваат сè повеќе граѓани и политички субјекти.
Колку е поголема довербата, толку е поголема обврската и должноста кон граѓаните да се испорачаат резултати и во таа насока ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи посветено да работи на зголемување и оправдување на дадената доверба, со креирање услови за подобар живот.
