Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа денеска беше во работна посета на Општина Боговиње, каде заедно со градоначалникот Фети Абази и заменик-министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири извршија увид во инфраструктурните проекти што се реализираат со финансиска поддршка од Министерството, соопшти МЖСПП.
Со средства во износ од околу 60 милиони денари, се додава во соопштението, МЖСПП поддржува три значајни проекти во општината: изградба на канал за атмосферски води во населеното место Пирок, регулирање на речното корито на реката Куша во Долно Палчиште и регулирање на речното корито во населеното место Камењане, кој почнува наскоро.

Со овие проекти, се вели во соопштението, се обезбедува подобра заштита од атмосферски и поројни води, намалени ризици од поплави и посигурни услови за живот на локалното население.


-Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува да инвестира во инфраструктурни проекти низ целата држава, затоа што токму ваквите капитални инвестиции ги поставуваат темелите на зелениот пресврт и придонесуваат за одржлив развој, поголема отпорност на климатските предизвици и поквалитетна животна средина за сите граѓани – се додава во соопштението.
