Куќата „Уранија“ во Охрид и ова лето ќе биде домаќин на бројни научни, културни и уметнички настани во рамките на програмата „Научна и уметничка визита 2026“, организирана од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Програмата во јули започна со самостојната изложба на мозаици на Ѓорѓи Томовски, проследена со музичка вечер на академик Драган Даутовски. Во текот на месецот ќе се одржат Лингвистичката работилница на ИЦАЛ, Mini policy форумот на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, како и десеттото издание на Охридската школа на природно право „Strengthening Access to Justice through Free Legal Aid: A Regional Capacity-Building Initiative“.
На 24 јули ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Лара Ташковска, која ќе биде поставена до 10 август.

Во август, љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да ја посетат изложбата на Таки М. Павловски, на која ќе бидат претставени негови дела создадени во 1970-тите и 1980-тите години. Изложбата е поддржана со публикацијата „Монографска едиција – Таки Павловски, 55 години творештво“.
Програмата продолжува и во септември со изложбата „Во светот на небесните асоцијации“ на Јордан Манасиески, која ќе биде отворена од 5 до 20 септември.
