Бригадата на Југоисточна Европа SEEBRIG денеска донираше опрема-детски реквизити за детското игралиште во близина на спортската сала во Куманово, информираа од општина Куманово. Од општината додаваат дека продолжува успешната соработка помеѓу Општина Куманово и SEEBRIG (Бригадата на Југоисточна Европа), со седиште во касарната „Боро Менков“ во Куманово која резултираше со нова донација наменета за најмладите сограѓани во спортско-рекреативниот центар кај спортската сала.

-Донацијата се состои од детски реквизити за обнова и уредување на постојното детско катче кај тениските терени во рамки на спортскиот комплекс, со цел создавање побезбеден, поуреден и пофункционален простор за игра и рекреација на децата. Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, во знак на благодарност за досегашната несебична поддршка и успешната соработка, му додели плакета на командантот на SEEBRIG, бригадниот генерал Bilbil Bitri, по потпишувањето на договорот за донација од двете страни-информираа од општината.

Општина Куманово како што нагласуваат продолжува да гради партнерства кои директно придонесуваат за подобрување на условите за живот на граѓаните, особено за најмладите.
