Општина Куманово соопшти дека од денеска повторно се наплаќаат билети во општинскиот линиски превоз, откако заврши мерката за субвенционирање на јавниот превоз што се спроведуваше во изминатите три и пол години. Општина Куманово ги извести граѓаните дека од 1 јули повторно ќе се применува редовниот систем на наплата на билети, согласно одлуката на Советот на Општина Куманово. Со тоа заврши мерката со која во изминатите три и пол години граѓаните го користеа општинскиот линиски превоз без директно плаќање билет. Според одлуката, билетот за првата зона ќе чини 30 денари, за втората 40, за третата 60, за четвртата 80 денари, за петтата 100 и за шестата зона 120 денари.

Мерката за бесплатен јавен превоз беше воведена во екот на енергетската криза, а од општината тогаш образложија дека целта е да се намалат трошоците на семејните буџети, да се поттикне користењето на јавниот превоз, да се намали сообраќајниот метеж и аерозагадувањето.
Во изминатиот период бесплатниот превоз предизвикуваше различни реакции кај граѓаните. Дел од кумановци сметаат дека мерката требало да продолжи, додека други оценуваат дека субвенции треба да добиваат само одредени категории граѓани, како ученици, социјално ранливи лица. Дел од кумановци сметаат дека повторното воведување на наплата е оправдано, наведувајќи дека бесплатниот превоз создавал метеж, особено во утринските часови, кога се превезуваат ученици и работници, а најголема корист од него имале жителите од приградските населби.
