ЗНАМ е единствената партија што излезе со функција плус во рамките на оваа реконструкција и го прифати предизвикот дел од нашата програмска програма да ја спроведува во Министерството за земјоделство – истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната прес-конференција по повод две години отчет од работењето на Министерството.
– Функцијата плус е заменик-министер, кој ќе биде предмет на разговори за вториот и третиот ешалон од септември натаму. Што значи ЗНАМ е стабилен и лојален партнер што испорачува резултати во оваа Влада. Тоа го докажавме досега, а верувам дека и нашиот нов министер, господинот Борче Серафимовски, кој моментно е државен секретар во Министерството за земјоделство, ќе го докаже тоа и ќе ја увери македонската јавност во капацитетите и она што ќе го направи во Министерството за земјоделство. Во согласност со нашата програма на парламентарните избори, прифативме нов предизвик, а тоа е Министерството за земјоделство, затоа што тоа беше една од нашите главни точки – програмски определби за самоодржлива држава. Некој ако смета дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е битно министерство, мислам дека се лаже – рече Минчев.
Потенцира дека ЗНАМ е стабилен и лојален партнер, кој испорачува резултати во Владата.

Минчев истакна дека опозициски портали и медиуми последните десет дена се насочени кон ЗНАМ со цел, вели, да ја прикажаат како губитник во оваа владина реконструкција.
– ЗНАМ се формира пред две години со јасна цел да влезе во Владата, да испорача резултати и да преземе одговорност. И ние таа одговорност ја презедовме и испорачавме резултати. Денешниот прес, кој овде го правам како еден од двајцата претставници на ЗНАМ во Владата, го докажува тоа. Тоа можам да го кажам и за мојот колега Игор Филков, кој беше министер за правда, кој во своето работење практично го трасира патот на деценискитe реформи што се во Министерството за правда, притоа креирајќи речиси 33 законски решенија, кои се 13 обврски од реформската агенда, а четири веќе се усвоени во рамките на Собранието. Притоа беа ангажирани повеќе од 300 експерти во 24 работни групи. Ние сметаме дека во Министерството за правда сме го креирале вистинскиот пат, сме ја завршиле работата. Повеќе опозициски портали и медиуми, кои во последните 7-10 дена се насочени кон ЗНАМ сакаат да го прикажат ЗНАМ како губитник во оваа реконструкција на Владата. Но вистината е сосема обратна – потенцира министерот Минчев.
