Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR), генералот Алексус Г. Гринкевич (Alexus G. Grynkewich), денеска во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата оствари средба со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На средбата со генералот Гринкевич, информираат од Министерството з аодбрана, министерот Мисајловски изрази задоволство од одличната соработка со Сојузничката команда за операции укажувајќи на тоа дека припадниците на македонската Армија ќе продолжат да даваат и личен придонес кон безбедноста на источното крило на Алијансата како дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија. На средбата министерот се осврна и на инвестициите во одбраната, како и развојот на Армијата.

-Ги зацврстуваме капацитетите на Армијата, а со тоа и на колективната безбедност на Алијансата. Инвестираме во процесот на модернизација и опремување, кој паралелно со нашиот влог во развојот на припадниците на Армијата ни овозможи Лесната пешадиска баталјонска група неодамна да ја добие и оценката „борбено способни за извршување на мисијата“ согласно највисоките стандарди на НАТО – рече министерот на средбата и додаде дека земјава останува да биде кредибилен и доверлив сојузник во Алијансата.

На средбата со генералот Лафчиски, пак, се разговараше за актуелната безбедносна состојба во зоната на операции на Алијансата, за процесот на опремување и модернизација на Армијата, како и за актуелните придонеси со сили и средства во поддршката на Регионалните планови за одбрана на Алијансата, чиј важен дел е и нашата држава. При тоа беше потврдено дека македонската територија како географска раскрсница на повеќе транспортни коридори, има клучна улога во остварувањето на мобилноста, брзиот и кредибилен одговор, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата.
Во рамки на посетата на нашата држава генералот Гринкевич оствари средба и со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а ќе се сретне и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова.

Посетата на генералот Гринкевич на Армијата ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, кога заедно со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ќе ги посети припадниците на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје, каде ќе бидат презентирани дел од способностите, обученоста и подготвеноста на армиските единици.
Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа ја има севкупната команда над сите операции на НАТО на стратегиско ниво. Своите должности генералот Гринкевич ги извршува од седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа (SHAPE) во Монс, Кралството Белгија. Генералот Гринкевич, воедно ја извршува и должноста командант на Европската команда на САД, чие седиште се наоѓа во Штутгарт, СР Германија.
Посетата на генералот Гринкевич претставува признание за значајниот придонес на нашата земја во колективната одбрана на Алијансата, како и потврда за довербата во способностите и подготвеноста на Армијата да придонесува кон регионалната и колективната безбедност.
